Американски научници открија: Лек за висок притисок уништува опасна бактерија отпорна на антибиотици

Ново истражување од САД покажува дека лекот за висок крвен притисок кандесартан цилексетил може да ја уништи MRSA – една од најопасните бактерии отпорни на антибиотици.

Американски научници откриле дека лек кој со години се користи за лекување висок крвен притисок и срцева слабост може да стане ново оружје против опасни бактерии отпорни на антибиотици. Истражување на Houston Methodist Research Institute во Тексас покажало дека лекот Кандесартан цилексетил успешно го запира ширењето на бактеријата MRSA – метицилин-резистентен Staphylococcus aureus.

Во лабораториски тестови и испитувања врз животни, лекот ја оштетил клеточната мембрана на бактеријата, ја нарушил нејзината функција и на крај ја уништил.

Научниците велат дека ова откритие е особено важно бидејќи станува збор за евтин и веќе широко користен лек, што би можело значително да го забрза неговото евентуално користење против опасни инфекции, доколку резултатите се потврдат и кај луѓе.

– Кандесартан цилексетил е едно од највозбудливите соединенија што сме ги пронашле – изјавил Елефтериос Милоканис, специјалист за заразни болести и еден од авторите на студијата.

MRSA е една од најопасните бактерии отпорни на антибиотици и може да предизвика инфекции на кожата, белите дробови и крвотокот. Според американските здравствени власти, оваа бактерија секоја година предизвикува повеќе од 70.000 тешки инфекции и околу 9.000 смртни случаи во САД.

Истражувачите откриле и дека лекот делува врз таканаречените „перзистентни“ бактерии, кои можат долго време да останат неактивни во организмот и подоцна повторно да се активираат. Дополнително, комбинирањето на кандесартан цилексетил со постоечки антибиотици, како Гентамицин, покажало уште посилен ефект при пониски дози.

Научниот тим сега работи на развој на модифицирани верзии на лекот со цел да се добијат уште поефикасни соединенија со помалку несакани ефекти, а во план се и клинички испитувања врз луѓе.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни