Мета опис
Американскидржавјанин кој работел за медицинска мисионерска организација во Демократска Република Конго се заразил со ебола и бил евакуиран во Германија на лекување, потврдија американските власти.
Пациентот развил симптоми за време на викендот, откако бил изложен на вирусот, соопштија од Центри за контрола и превенција на болести (CDC), пренесува Би-Би-Си. Иако агенцијата првично не го откри идентитетот на заразениот, медицинската мисионерска организација Serge подоцна потврди дека станува збор за нивниот лекар Питер Стафорд.Тој се заразил додека лекувал пациенти во болницата „Њанкунде“ во градот Бунија, каде што работи од 2023 година.
И сопругата и колегите биле изложени на вирусот
Неговата сопруга, д-р Ребека Стафорд, како и уште двајца лекари од организацијата, исто така биле изложени на вирусот, но засега немаат симптоми и ги почитуваат карантинските протоколи. Од организацијата „Serge“ соопштија дека семејството Стафорд и нивните четири мали деца се сместени на безбедна локација каде што им е обезбеден медицински надзор и специјализирана здравствена грижа.
Питер и Ребека Стафорд се запознале на Медицинскиот факултет на Универзитет Охајо Стејт, а се венчале во 2013 година. Тој е специјалист по општа хирургија, додека таа е специјалист по гинекологија и акушерство.
Семејството се преселило во Африка во 2019 година, а пред да дојдат во Конго работеле во Того.
Над 118 починати во епидемијата
Во актуелната епидемија на ебола во Демократска Република Конго досега се регистрирани најмалку 118 смртни случаи и повеќе од 390 сомнителни инфекции. Светска здравствена организација (СЗО) ја прогласи епидемијата во источната покраина Итури за меѓународна јавно-здравствена криза.
Од СЗО предупредија дека епидемијата потенцијално би можела да биде „значително поголема“ отколку што моментално се открива и пријавува, со сериозен ризик од локално и регионално ширење. Сегашната епидемија е предизвикана од сојот Бундибугио, за кој засега нема одобрени лекови ниту вакцини.
САД воведуваат нови мерки
CDC соопшти дека работи на евакуација на уште најмалку шест американски државјани кои биле изложени на вирусот.
Американската агенција во понеделникот издаде и нова наредба со која им се забранува влез во САД на странски патници кои во последните 21 ден престојувале во земји погодени од епидемијата, вклучувајќи ги Конго, Уганда и Јужен Судан. Мерката се повикува на таканаречениот „Title 42“, закон што овозможува привремено ограничување на влезот на странци поради јавно-здравствени причини.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е „загрижен“ поради епидемијата во Конго, но додаде дека верува оти вирусот не се проширил во САД.
Што е ебола?
Вирусите на ебола најчесто ги инфицираат животните, особено овошните лилјаци, а епидемии кај луѓето може да започнат кога луѓето консумираат или ракуваат со заразени животни. Симптомите обично се појавуваат од два до 21 ден по инфекцијата и најчесто почнуваат нагло, со висока температура, главоболка и силен замор.
Најголемата епидемија на ебола се случи меѓу 2014 и 2016 година во западна Африка, кога беа заразени повеќе од 28.600 луѓе. Болеста тогаш се прошири во повеќе држави, меѓу кои Гвинеја, Сиера Леоне, САД, Обединето Кралство и Италија, при што починаа 11.325 лица.