Алта банка повторно пред пратениците: Клучните сведоци сè уште не потврдиле дека ќе дојдат

Две недели по првата надзорна расправа, остануваат неодговорени прашањата за влезот на српската банка на македонскиот пазар, улогата на Народната банка и институционалната одговорност. Денешното продолжение е неизвесно поради отсуството на потврди од поканетите сведоци.

Случајот со „Алта банка“ повторно се враќа во собраниските клупи. Надзорната расправа, започната на 11 ноември, денеска, 25 ноември, треба да продолжи со сослушување на поканети претставници на институциите и други лица кои би можеле да дадат одговори за околностите под кои српската банка влезе на македонскиот пазар.

Но, уште пред почетокот на седницата, неизвесно е дали расправата ќе ги донесе очекуваните информации. Претседателката на Комисијата за финансирање и буџет, Сања Лукаревска од СДСМ, предупреди дека ниту еден од поканетите сведоци досега не го потврдил своето присуство. Дополнителен проблем е што дел од нив повторно имаат најавени службени патувања во периодот кога треба да се одржи расправата. Така, продолжението на седницата се соочува со прашањето дали пратениците воопшто ќе успеат да ги сослушаат луѓето од кои се очекуваат најважните информации за случајот.

Прва седница: политички судир наместо целосни одговори

Првата надзорна расправа, одржана на 11 ноември, помина со остри меѓупартиски препукувања. Во фокусот беше премиерот Христијан Мицкоски, кој прв одговараше на прашањата на пратениците, особено за околностите под кои „Алта банка“ доби можност да влезе на македонскиот пазар и за неговите контакти со гувернерот на Народната банка. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, побара објаснување за улогата на Владата во процесот и за тоа врз основа на што било дозволено присуството на српската банка во земјава.

Мицкоски, пак, се повика на одлука од 2023 година, донесена во времето на претходната влада, поврзана со продажбата на државните акции во Стопанска банка Битола. Со тоа, дел од дискусијата се насочи кон одлуките на претходната власт и одговорноста на СДСМ, наместо исклучиво кон постапките поврзани со „Алта банка“.

Премиерот изрази очекување дека банката ќе добие нов сопственик и ќе биде припoена кон друга банкарска институција. Сепак, оваа најава не ги разреши суштинските дилеми: како се одвивал процесот на влез на банката, кои информации биле земени предвид при донесувањето на одлуките и дали биле соодветно проценети потенцијалните ризици. Во расправата беа споменати и други случаи, меѓу кои пропаста на Еуростандард банка, наводни партиски депозити и афери од периодот на пандемијата. Овие теми станаа дел од политичката конфронтација, но не претставуваат одговор на конкретните прашања што треба да ги разјасни надзорната расправа за „Алта банка“.

Обвинителството не откри дали има предистражна постапка

Меѓу сослушаните на првата седница беше и државниот јавен обвинител Ненад Савески. Пратениците побараа информации дали за случајот со „Алта банка“ се води предистражна постапка, но не добија конкретна потврда или демант. Савески објасни дека информациите за евентуална предистражна постапка се тајни и дека Обвинителството не може да ги споделува со јавноста. Посочи дека обвинителството постапува кога ќе утврди постоење елементи на кривично дело, а одлуките се темелат на докази.

Оттука, неговото обраќање не дава основа да се заклучи дали во конкретниот случај постои предистражна постапка. Прашањето останува отворено, заедно со дилемите за тоа какви проверки биле направени и дали надлежните институции располагаат со информации што би оправдале понатамошно постапување.


Собраниската надзорна расправа не може да ја замени работата на истражните органи, но може да побара отчет за институционалните процедури и за начинот на кој се носеле одлуките.

е-Трн да боцка во твојот инбокс