Се затвора контроверзниот мигрантски центар „Алигатор Алкатраз“ во Флорида

Флорида планира да го затвори контроверзниот центар за притвор на мигранти „Алигатор Алкатраз“, а притворениците треба да бидат преместени до почетокот на јуни.

Притворениците од центарот за мигранти во Флорида треба да бидат преместени до почетокот на јуни, а објектот постепено да биде демонтиран, објави „Њујорк тајмс“.

Флорида планира да го затвори контроверзниот федерален центар за притвор на мигранти познат како „Алигатор Алкатраз“, објави „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на извори запознаени со работењето на објектот. Според информациите, притворениците треба да бидат преместени до почетокот на јуни, а центарот постепено да биде демонтиран во наредните недели.

Центарот, чија изградба чинела околу 250 милиони долари, се наоѓа западно од Мајами, во оддалечен мочуришен регион познат по алигатори и крокодили. Од канцеларијата на гувернерот на Флорида, Рон Десантис, засега нема официјален коментар за најавеното затворање.

Портпарол на Министерството за внатрешна безбедност изјавил дека институцијата и понатаму ги проценува потребите за притворски капацитети. Од таму демантирале дека вршеле притисок врз Флорида да го прекине работењето на центарот.

Според податоците на американската Служба за имиграција и царина, во објектот од октомври 2025 до почетокот на април 2026 година во просек биле сместени околу 1.400 лица. Организации за човекови права подолго време предупредуваа на условите во центарот, тврдејќи дека светлата биле вклучени 24 часа, дел од притворените немале соодветна медицинска грижа, а оддалечената локација го отежнувала пристапот до правна помош.

„Алигатор Алкатраз“ беше отворен во рамки на строгата имиграциска политика на администрацијата на Доналд Трамп, а името на објектот често се користеше како политички симбол поради неговата изолирана локација во мочуриште. Според Асошиејтед прес, Десантис претходно изјавил дека центарот од почеток бил замислен како привремен објект.

Најавеното затворање доаѓа по месеци критики од адвокати, активисти и организации за човекови права, кои тврдеа дека условите во центарот се несоодветни за притворени лица. Засега не е објавен целосен план каде ќе бидат преместени сите притвореници.

е-Трн да боцка во твојот инбокс