Александар Вучиќ, автократот кој го режира сопствениот политички опстанок

Најавената рокада на функцијата и студентските протести по трагедијата во Нови Сад го разоткриваат системот каде автократијата го менува обликот, а цената ја плаќаат граѓаните.

Најавата на Александар Вучиќ дека ќе се повлече од претседателската функција за да конкурира за премиерското место претставува класичен маневар од неговиот автократски прирачник. Станува збор за прерасподелба на функциите со цел да ја задржи целосната контрола врз лостовите на власта. Институциите во Србија со години функционираат како декор поставен исклучиво да ја опслужува политичката волја на еден човек.

Од радикалниот национализам до заробена држава

Политичките корени на Вучиќ се врзани за Српската радикална партија на Воислав Шешељ и за улогата на министер за информации во владата на Слободан Милошевиќ, кога српското независно новинарство се замолчуваше со драконски казни. Формирањето на Српската напредна партија во 2008 година и декларативната преобразба во проевропски реформатор служеа за градење политички легитимитет пред меѓународната заедница.

Вучиќ својата политичка кариера ја започнува под менторство на Воислав Шешељ

На терен, методологијата на владеење се базира врз неколку клучни столбови:

  • Целосна контрола врз медиумите: Таблоидите и телевизиите со национална фреквенција континуирано креираат атмосфера на вонредно дејство и водат хајки против критичарите.
  • Заробување на институциите (State capture): Партиската книшка функционира како главен услов за вработување во јавниот сектор, а државните ресурси директно се ставаат во служба на изборниот инженеринг.
  • Персонализиран популизам: Секојдневните обраќања на националните телевизии служат за одржување на наративот во кој тој истовремено настапува како спасител, економист, судија и жртва на постојани заговори.

Владеење преку контролиран хаос

Политичкиот опстанок на Вучиќ се потпира врз одржување постојана криза.

Во однос на Косово, тој води двојна политика: пред странските дипломати се позиционира како единствен фактор на стабилност, додека пред домашното гласачко тело одржува националистичка тензија. Односите со Република Српска и поддршката за дејствијата на Милорад Додик ги користи за истиот националистички речник секогаш кога му е потребно дефокусирање од домашните проблеми.

Судири меѓу КФОР и Србите од Косово

Притисокот за проектот „Рио Тинто“ и ископувањето литиум дополнително покажа дека интересите на транснационалниот капитал и партиската корист се поставени пред барањата и здравјето на граѓаните.

Трагедијата во Нови Сад: Последици од системската корупција

Уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, каде загинаа 16 луѓе, го разоткри вистинското лице на овој начин на управување. Оваа трагедија е директен резултат на систем во кој тендерите се тајни, одговорноста е разводнета, а партиската неспособност ги замени стручноста и професионалноста.

Реакцијата на власта кон студентите и граѓаните кои излегоа на протести со барање за правда и институционална одговорност беше репресивна: апсења, полициска бруталност и етикетирање на протестите како странски заговор.

Студентите како огледало на задоцнетата правда

Бранот студентски протести што ја преплави Србија по трагедијата во Нови Сад не израсна од партиски централи, туку од длабокото чувството за неправда и системска гнилеж. Студентите не понудија политички пазари, туку удрија директно во најчувствителната точка на секој автократски режим — барањето институциите конечно да си ја завршат работата без претходно одобрение од врвот.

Нивниот отпор го деконструираше со децении градениот мит дека граѓаните се пасивни набљудувачи, а секој протест е однапред издиригиран однадвор. Соочени со полициски кордони, ноќни апсења и медиумска демонизација, младите луѓе покажаа дека институционалната правда не е привилегија, туку црвена линија под која едно општество не смее да се спушти.

Дали смената на функцијата го менува системот?

Барањето на студентите на улиците не е прашање на партиски калкулации, туку за заштита на елементарната преостаната правна држава. Кога младите луѓе бараат одговорност за 16 изгубени животи, тие го оспоруваат самиот темел на режимот — идејата дека некој може да биде над законот поради политичката функција што ја извршува.

Предстојните избори не се обично прегласување меѓу власта и опозицијата. Србија се наоѓа пред судир меѓу еден подреден систем и потребата за функционална држава каде законите ќе важат за сите. Вучиќ може формално да ги менува кабинетите, но кога институциите се целосно подредени на еден автократ, реалната цена на крајот ја плаќа цело општество.

е-Трн да боцка во твојот инбокс