Албанија на 14 јули ќе направи нов значаен исчекор во процесот на пристапување кон Европската Унија. На деветтата Меѓувладина конференција во Брисел се очекува земјата привремено да ги затвори првите три преговарачки поглавја – Поглавје 25 „Наука и истражување“, Поглавје 26 „Образование и култура“ и Поглавје 30 „Надворешни односи“.
Премиерот Еди Рама ја оцени оваа одлука како важен чекор напред на европскиот пат на Албанија, нагласувајќи дека земјата продолжува со реформите и покрај политичките критики и шпекулации за застој на преговорите.
Одлуката следува откако Комитетот на постојани претставници на земјите-членки на ЕУ (КОРЕПЕР) го одобри заедничкиот став на Европската Унија за привремено затворање на трите поглавја, што претставува досега најголем напредок на Албанија во пристапните преговори.