Алармантно предупредување од 600 научници: Океаните се гушат од загадување и климатски промени

Нов извештај на ОН предупредува дека океаните се соочуваат со сериозни последици од климатските промени, загадувањето и растот на нивото на морето. Научниците бараат итни мерки.

Состојбата на светските океани продолжува да се влошува поради климатските промени, загадувањето и уништувањето на морските екосистеми, предупредуваат Обединетите нации во најновиот научен извештај изработен од 600 научници од 86 земји.

Во Третата глобална проценка на океаните се наведува дека океанот, кој е основа за животот на Земјата, се соочува со сериозни закани. Екосистемите и природните живеалишта во многу региони се приближуваат до критични точки од кои закрепнувањето би било исклучително тешко.

Извештајот ги анализира промените во периодот од 2018 до 2023 година и повикува на итни мерки за заштита на морињата и океаните. Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, порача дека светот повеќе не смее да го третира океанот како неисцрпен ресурс.

Научниците предупредуваат дека океаните се загреваат со забрзано темпо. Дури 16 проценти од вкупното затоплување регистрирано во последните 70 години се случило по 2018 година. Истовремено, се зголемува и закиселувањето на водите, што дополнително го загрозува морскиот живот.

Покрај тоа, нивото на морето расте сè побрзо поради топлинското ширење на водата и топењето на глечерите. Додека пред 2015 година просечниот раст изнесувал околу два милиметри годишно, во 2023 година достигнал 4,3 милиметри.

Загадувањето останува една од најголемите закани. Иако количеството на некои штетни материи како живата се намалува, во пораст се остатоците од детергенти, лекови и антибиотици. Особено загрижува пластиката, чии микрочестички веќе влијаат врз повеќе од 4.000 видови морски организми.

Во извештајот се нагласува дека неодамна усвоениот Договор за отворено море претставува значаен чекор напред, но експертите предупредуваат дека е потребна многу поголема меѓународна соработка за да се спречи понатамошното уништување на океаните и нивниот биодиверзитет.

е-Трн да боцка во твојот инбокс