Роберт Капа не бил само фотограф. Toj бил човек кој верувал дека вистината бара близина, дека стравот е цена за автентичностa и дека фотографијата може да го запре светот доволно долго за луѓето да видат што всушност се случува. На 6 јуни 1944 година, на плажата Омаха во Нормандија, бил со камера во рака. Резултатот биле 106 фотографии. Лабораториска грешка уништила 95 од нив. Преживеале 11. Тие 11 ја дефинирале визуелната меморија на Втората светска војна.



Ендре Фридман кој стана Роберт Капа
Роберт Капа е роден на 22 октомври 1913 година во Будимпешта, Унгарија, како Ендре Фридман. Во 1931 година почнал да работи во Берлин, а во 1933 година, бегајќи од подемот на нацизмот во Германија, се преселил во Париз.
Во Париз, заедно со својата партнерка Герда Таро, измислил маркетиншки трик кој денес звучи генијално: создале измислен американски фотограф по име „Роберт Капа” и почнале да ги продаваат нивните фотографии под тоа име по повисока цена. Трикот проработал. Капа верувал дека американското име ќе му помогне полесно да ги продава своите снимки. Набрзо Ендре Фридман целосно станал Роберт Капа.
Шпанија: Раѓањето на иконата
Од 1936 година, покривањето на Шпанската граѓанска војна редовно се pojавувало во медиумите. Неговата фотографија на лојалистички војник кој бил смртно ранет, му ја донела меѓународната репутација и станала моќен симбол на војната. Во декември 1938 година, британскиот магазин Picture Post објавил осум Капини фотографии од Шпанија и го прогласил за „најголемиот воен фотограф во светот”. Имал 25 години.

Во Шпанија, Капа не само што снимал туку и учествствувал со Републиканците, се дружел со Ернест Хемингвеј и Марта Гелхорн и верувал дека фотографијата може да биде оружје против фашизмот. Неговите слики барале да ги покажат опустошувачките последици од војната врз обичните луѓе, на начин со кој јавноста можела да се идентификува.
Формулата: Доволно близу значи доволно вистинито
Неговата најпозната изрека, „Ако сликата не е доволно добра, не си бил доволно близу”, не е само естетска максима. Таа е опис на неговата работна метода и на неговата филозофија за фотожурнализмот.
Неговата употреба на малата 35-милиметарска камера му овозможувала да им се приближи на субјектите и да дојде многу близу до заедниците погодени од војната, и да произведе фотографии какви јавноста никогаш порано не видела. Резултатот бил пробив во историјата на фотожурнализмот. Таа близина имала своја цена. Герда Таро, неговата партнерка и соработничка, загинала во Шпанија во 1937 година кога врз неа наишол тенк. Капа продолжил.
Д-Денот: 106 фотографии и лабораториска катастрофа
На 6 јуни 1944 година, Капа газел во крвавата вода на плажата Омаха заедно со американските војници кои слегувале на нормандискиот брег. Според неговата верзија, под оган снимил 106 фотографии.
Кога ги испратил во редакцијата на LIFE, лабораторискиот техничар, брзајќи да ги развие и испрати, ја прегреал емулзијата. Речиси сите негативи се стопиле. Преживеале единаесет, подоцна наречени „Величанствените единаесет”, The Magnificent Eleven.

Преживеаните фотографии се зрнести, благо деформирани и матни. Парадоксално, токму таа матност им дала динамика и автентичност, совршено дочарувајќи го хаосот на битката. Кога LIFE ги објавил, во описите стоело дека се матни бидејќи Капините раце се тресело од возбуда и страв. Капа подоцна го демантирал тоа, но фразата толку му се допаднала, што својата автобиографија ја насловил токму така: „Slightly Out of Focus”, Благо изван фокус.
Одредени историчари ја оспориле приказната за уништените 95 фотографии и сметаат дека Капа снимил само тие единаесет кадри. Но нивното историско и уметничко значење не е доведено во прашање.

Спилберг и „Спасување на редникот Рајан”
Петесет и четири години подоцна, режисерот Стивен Спилберг ги користел Капините фотографии од Омаха Бич како референца за воведните сцени на „Спасување на војникот Рајан”. Инструкцијата до директорот на фотографија Јануш Камински била јасна: снимај со рачна камера, со намалена брзина на затварачот, со зрнест изглед. Снимај така како Капа снимал.
Резултатот е почит кон фотограф кој снимал во вистинска битка со вистински куршуми, и кој со матни, зрнести слики направил повеќе за визуелната меморија на Втората светска вojна отколку коja и да е играна продукција.
Магнум и смртта на мина
По војната, во 1947 година, Капа бил двигателна сила зад основањето на Магнум Фотос, фотографска агенција која и денес е синоним за најдоброто во документарната и новинарската фотографија. На 25 мај 1954 година, снимајќи за LIFE во Тај Бин, Индокина, Капа чекорил на противпешадиска мина и загинал. Имал 40 години. Умрел онака како живеел: на терен, со камера, доволно близу.

Максимата на Капа денес е повеќе актуелна отколку кога ја изрекол. Во свет на дроновски снимки, телеобјективи и дигитален зум, неговата порака дека вистинската фотографија бара присуство, ризик и човечка близина, останува предизвик за секој фотожурналист. Капа направил некои од најиконичните фотографии на нашиот век, фотографии кои станале сеќавања на оние меѓу нас кои имале среќа да не бидат таму.
Тие единаесет матни, зрнести, благо деформирани фотографии од Омаха Бич не се само историски документи. Тие се доказ дека понекогаш техничката несовршеност е единствениот начин да се долови вистинитоста.