Португалската престолнина е прогласена за најсреќна туристичка дестинација во светот според нова анализа на агенцијата „Букритритс“, специјализирана за велнес-патувања.
При изборот биле земени предвид неколку фактори кои можат да влијаат врз расположението на туристите – од бројот на сончеви часови и зелените површини, до можноста градот удобно да се истражува пеш, нивото на бучава и светлосното загадување и понудата на ресторани со здрава храна.
Лисабон особено се издвоил со повеќе од 2.800 сончеви часа годишно. Градот е компактен и погоден за пешачење, а неговите бројни видиковци нудат панорамски погледи додека ги истражувате улиците со побавно темпо.
На второто место се најде Хелсинки, кој добил високи оценки поради ниското ниво на бучава и светлосно загадување. Трет е Орландо во Флорида, кој, покрај тематските паркови, се издвојува и со големи зелени површини – повеќе од 2.000 квадратни метри по жител.
Меѓу првите пет се најдоа и Атина и Единбург, благодарение на нивната пешачка пристапност, но и богатата културна и историска понуда.
Анализата покажува дека идеалната туристичка дестинација не мора да значи само што повеќе атракции. Понекогаш формулата е многу поедноставна: сончев ден, добра храна, малку зеленило и град што можете да го откриете пеш.