Серија полициски акции во Тетово и Гостивар резултираа со приведување на девет лица, заплена на поголемо количество огнено оружје, муниција, бела прашкаста материја и марихуана. Полициски службеници од СВР Тетово и ОВР Гостивар, во координација со специјалната антитерористичка единица „Тигар“, извршија претреси на повеќе локации по претходни пријави за пукање и судски наредби за претрес во текот на 21 и 22 август.
Полициски службеници од СВР Тетово на 21 август го лишија од слобода 41-годишниот С.Б. од тетовското село Лешок. При претрес во неговиот дом и помошните простории, извршен со судска наредба, полицијата пронајде карабин од 7 милиметри со оптички нишан, пиштол „ЦЗ“ од 9 милиметри со празни рамки, воздушна пушка од 5,4 милиметри со оптички нишан и куршуми од различен калибар.
Истиот ден околу 20:21 часот, службеници од ОВР Гостивар приведоа седум лица по пријава за нарушување на јавниот ред и мир со истрели од огнено оружје во селото Куново. Уапсени се А.М. (39), Д.М. (26), Б.С. (37), Р.Р. (66), Б.А. (37) и Р.В. (72) од Гостивар, како и Н.Л. (65) од Скопје. На теренот се пронајдени чаури, а при претрес во неколку нивни викенд-куќи во селото се одземени ловечки карабини, ловечки пушки, пиштол и поголема количина муниција.
Во ноќните часови меѓу 21 и 22 август, од 22:30 до 01:30 часот, СВР Тетово во координација со САЕ „Тигар“ и Единицата за службени кучиња претресе куќа и барака-работилница во Тетово, сопственост на 36-годишниот П.М. Во објектот полицијата затекна три лица: 19-годишниот Л.С. и двајца 16-годишни малолетници.
Кај 19-годишникот и едниот малолетник се пронајдени бела прашкаста материја, марихуана и две дигитални ваги. Во просториите се откриени и кутии со бела прашкаста материја, како и пари во различни валути и апоени. По целосно документирање на случаите, во координација со јавен обвинител ќе бидат поднесени соодветни пријави.