Агенцијата за храна и ветеринарство, АХВ, при 70 вонредни инспекциски надзори во Гостиварско утврдила повеќе неправилности кај оператори со храна, меѓу кои пуштање во промет небезбедна храна, неспроведени здравствени прегледи на вработени и работа без регистрација.
При контролите, двајца оператори биле затекнати како пуштаат во промет небезбедна храна во количина од 18 килограми. Станува збор за виршли, кисело млеко, јогурт, слајс салами и путер, кои, како што информираат од АХВ, биле нештетно уништени.
Неспроведени здравствени прегледи и нерегистрирани оператори
Од АХВ соопштија дека при контролите биле утврдени повеќе недоследности кај операторите со храна во регионот.
Кај пет оператори не биле спроведени мерки за дезинфекција, дезинсекција и дератизација, додека кај 18 оператори не биле спроведени задолжителни здравствени прегледи на вработените.
Инспекторите затекнале и 11 правни лица кои не биле регистрирани како оператори со храна во АХВ. За нив, покрај парична казна, била изречена и времена забрана за вршење дејност до регистрација.
Изречени 30 парични казни
За констатираните неправилности, покрај наредбите за спроведување задолжителни здравствени прегледи и отстранување на недоследностите, биле изречени и 12 забрани за вршење дејност.
Од АХВ информираат дека се изречени и 30 парични казни во вкупна висина од 7.750 евра во денарска противвредност.
Инспекциските служби на АХВ во вторникот во Гостиварско спровеле 70 вонредни надзори, при што биле опфатени оператори од повеќе области — промет, кафе-барови, пицерии, пекарници, слаткарници, сендвичарници, ќебапчилници, производство и пакување овошје и зеленчук, како и други оператори со храна.
Контролирано и почитувањето на забраната за вода
Акцентот на контролите бил ставен и на тоа дали операторите ја почитуваат забраната на АХВ за употреба на водата од гостиварскиот водоснабдителен систем.
Од АХВ информираат дека во овој дел не биле утврдени отстапки.
„За послужување и за миење на садовите, работните површини и опремата, забраната се почитувала и се користела пакувана вода и безбедна вода во спроведувањето на работните процеси“, соопштија од АХВ.
Во угостителските објекти било утврдено дека за послужување гости се користеле пластични и хартиени чаши и прибор.