Управниот одбор на Агенција за филм ги донесе одлуките за прифатените проекти на Конкурсот за финансирање проекти од национален интерес во филмската дејност за 2026 година, во првиот рок, за кои се обезбедени вкупно 93 милиони денари. Оваа година, за првпат беше воведен и модел на презентација, односно пичинг пред стручната комисија, со цел процесот да биде потранспарентен и поконкурентен.
Меѓу поддржаните проекти се најдоа нови остварувања на дел од најпознатите македонски автори и режисери. Георги М. Унковски доби поддршка за музичкиот филм „Кралот на ѓубрето“, додека Ибрахим Деари ќе го реализира долгометражниот игран филм „Никој не го сака Садик“.
Поддршка добија и новите документарни проекти на авторите Љубомир Стефанов со „Вител на изумирањето“ и Тамара Котевска со документарниот проект „Виењето на волците“. Меѓу поддржаните проекти е и биографскиот музички документарец за Слаткаристика, насловен „Слушни ме!“, во режија на Раша Петровиќ.
Финансиска поддршка доби и Јани Бојаџи за играниот филм „Татко“, како и повеќе меѓународни копродукции меѓу кои „Крај на гравитацијата“, „Езерото“, „Плејтопија“ и „Голема во Гази Баба“, реализирани во партнерство со продуценти од регионот и Европа.
Од Агенцијата за филм велат дека воведувањето на пичинг презентациите е обид за зголемување на транспарентноста и професионализацијата на процесот на селекција. Конкурсот останува отворен во текот на целата година, а вториот рок за пријавување е до 3 август 2026 година.
Целосната листа на прифатени проекти е објавена на официјалната страница на Агенцијата за филм.