Германската десничарска партија Алтернатива за Германија (АфД) предлага темелна промена на функционирањето на Европската Унија. Според документ до кој дошол „Политико“, партијата бара укинување на директните избори за Европскиот парламент и префрлање на политичкото одлучување во рацете на владите на земјите членки.
Според предлогот, наместо европратеници избрани непосредно од граѓаните, во Европскиот парламент би седеле делегати назначени од националните парламенти. Европската комисија, пак, би ги извршувала само административните задачи.
АфД предлага и Судот на правдата на Европската Унија да биде заменет со арбитражно тело за решавање спорови меѓу државите. Планот предвидува и намалување на буџетот на Унијата, како и укинување на одредени европски агенции.
2029 година како почеток на промените
Во документот, 2029 година е посочена како почетна точка за реформите. Тогаш се очекуваат следните избори за Европскиот парламент, како и федералните избори во Германија.
Партијата ја гледа таа година како можност за создавање „патриотско и десно мнозинство“ во Европскиот парламент. Копретседателката на АфД, Алис Вајдел, треба да го претстави планот во Стразбур.
Предлозите би значеле значително менување на сегашниот институционален модел на ЕУ, во кој граѓаните директно избираат европратеници, додека европските институции имаат различни законодавни, извршни и судски надлежности.
Излегувањето од ЕУ останува последна опција
Во првата фаза, АфД не бара Германија да ја напушти Европската Унија или еврозоната. Наместо тоа, партијата предлага промена на европските договори и враќање на дел од надлежностите кај националните држави.
Доколку таквите реформи не успеат, планот предвидува можност за референдум за членството на Германија во ЕУ.
Ројтерс на 5 октомври, повикувајќи се на претходен интерен стратешки документ на АфД, веќе извести за насоката кон реформирање на Унијата пред евентуално излегување на Германија. Новите детали, објавени од „Политико“, се однесуваат на конкретните промени што партијата ги предлага за европските институции.
