Архитектурата одамна престана да биде само техничко цртање згради и стана поле на директна општествена борба. Во разговор по повод фестивалот АКТО во Скопје, теоретичарот Радивоје Динуловиќ и визуелниот уметник Филип Јовановски дебатираат како пазарниот диктат го разгради урбаниот простор во Скопје и Белград. Преку искуствата од платформата СЦЕН и студентските маршеви, тие порачуваат дека физичкото присуство и заедништвото остануваат клучната одбрана на јавниот интерес.
Радивоје Динуловиќ е професор, архитект, сценограф, теоретичар, практичар на југословенството како културна одредница. Тој е основач на SCEN (Центарот за сценски дизајн) при Факултетот за технички науки во Нови Сад, со што успеа да создаде уникатна академска платформа која брилијантно ги спојува архитектонската инженерска логика и слободната театарска и визуелна уметност.
Повод за разговорот е неговото гостување во Скопје, во рамки на неодамнешното 21. издание на Фестивалот за современи уметности АКТО, со инспиративно јавно предавање на Архитектонскиот факултет за просторните парадигми на отпорот. Во овој разговор, покрај професорот Динуловиќ, го вклучивме и неговиот домаќин, Филип Јовановски, уметнички директор на АКТО и негов долгогодишен соработник.

СЦЕН (Нови Сад) во рамки на изведбата на павилјонот на Република Северна
Македонија „Оваа зграда зборува (на) вистина" – Прашко квадриенале (2019).
Фото: Немања Кнежевиќ
Разговорот започнува со архитектурата и образованието, но брзо се отвора кон мноштво други важни прашања – од значењето на поединецот и заедницата, преку разорните ефекти од царувањето на капиталот во нашите општества, се до трансформативниот потенцијал на денешното студентско движење во Србија.
Да почнеме од она што ве поврзува вредносно. Не само професионално, туку и како луѓе со години се среќаваат, соработуваат и создаваат.
Радивоје Динуловиќ: Мислам дека најмногу нè поврзува потребата од заедништво. Односно, грижата да се изгради некаква средина, пред сè меѓу луѓето со кои работиме, живееме, соработуваме. И тогаш таа група, таа заедница, да се обидува да го проширува своето влијание. Сите овие проекти, акции, настани што ги правиме, на некој начин се во функција на тоа.
Филип Јовановски: Кај мене, веројатно, една од првите работи што ме инспирираа кај Раша беше неговата специфична способност да го поврзува знаењето за театарот со знаењето за архитектурата. Јас како студент барав луѓе што се занимаваат со тоа (уште тогаш имав читано текстови на „некој професор од Белград, Динуловиќ”, затоа што ми беше интересно каде се пресекуваат дисциплините. Се уште сметам дека не може да се студира Архитектура без знаење за театар и обратно. Практично тоа се обидувам да го пренесам во мојата едукативна пракса како дел колективнот на Архитектонски факултет во Скопје но и соработките со факултетите за драмски и ликовни уметности, по предметите сценографија.
Радивоје Динуловиќ: Нас нè поврзува и архитектонското образование. Тој систематски, инженерски начин на размислување што го стекнуваш како архитект е многу применлив и надвор од архитектурата. Архитектурата те учи на процес, на логика, на поврзување на работите. На уметничките академии, често се учи преку интуиција. Архитектурата има нешто друго – мораш да знаеш како нешто настанува, како се поврзуваат различни елементи, како од повеќе нешта се создава целина. Има уште една важна работа: архитектурата секогаш е за некого. Не е за себе. Таа е во служба на некого или на нешто. И кога професијата ќе стане повик, тоа се пренесува и во други области. И во театарот, и во работата што ја правиме, ние всушност сме ориентирани кон другите.

(Нови Сад) во рамки на изведбата на павилјонот на Република Северна Македонија
„Оваа зграда зборува (на) вистина" – Прашко квадриенале (2019).
Фото: Немања Кнежевиќ
Од таа идеја дека архитектурата „секогаш е за некого“ се отвора и прашањето за одговорноста на архитектот. Што со тоа, кога одлуките секогаш ги носи некој друг?
Радивоје Динуловиќ: Одговорноста е огромна. Проблемот е што одлуките многу често се носат надвор од процедурите и институциите, произволно, од луѓе што имаат пари или моќ. А архитектурата сè повеќе станува сервис за инвестициите, било да се државни, градски, локални или приватни. И логиката е иста. Порано постоеја сериозни институции за урбанизам. Институтите за урбанизам имаа моќ, без нив не можеше нешто да помине. Денес урбанизмот, како гранка и како институција, во голема мера исчезна или се претвори во сервис за приватниот инвеститор. Тоа е катастрофална ситуација. И не е само македонски или српски проблем. Тоа е проблем насекаде.
А кога таа логика ќе се пренесе директно врз градот, последиците се веднаш видливи, Скопје е пример…
Радивоје Динуловиќ: Ова ми е првпат да бидам во овој дел од градот и во оваа зграда (Железничката зграда). Во Скопје сум предавал и порано, на ФДУ, но главно сум се движел околу факултетот. Овој простор многу ме потсетува на Скопје што го паметам од седумдесеттите, осумдесеттите, деведесеттите, на Чаршијата што многу ја сакав. Но, центарот на градот, Чаршијата, денес веќе не се препознаваат. Не би сакал да давам некаква општа оценка, но можам да направам споредба со ,,Београд на води”. Формите се различни, но и едното и другото се, на некој начин, катастрофални и деструктивни.
Скопје 2014 ја стави архитектурата во служба на еден идеолошко-политички концепт. ,,Белград на вода” исто така е идеолошко-политички проект, само со други, помонументални објекти и со многу посилна логика на профит.
Овде, во оваа зграда и во овој дел од градот, се чувствувам добро. Тоа ми е важно.

во Железничката зграда во Скопје, во рамки на 21 издание на АКТО, октомври 2026,
фото: АКТО
Филип Јовановски: Мислам дека архитектурата глобално сè повеќе станува сервис, наместо простор за критичко размислување. Она што ние се обидуваме да го развиваме, и преку нашата лабораторија и преку соработките, е просторна практика која не завршува во бирото и во цртањето згради.
Мене ми е важно образованието да покаже дека архитектонската практика може да биде и акционен-урбанизам – да излезеш во градот и да се обидеш да влијаеш врз него. Што во суштина е иманентно и за театарот – дејствие/интервенција која го менува контекстот(просторот на доживување).
Архитектурата е исто така медиум, како и останатите уметности, како графика, како скулптура, сликарство, со тоа што пристапот на создавање е малку покомплексен, посеопфатен и може да работи во театар, во градот, во филмот. Тоа е, всушност, една идеолошка борба: дали архитектурата ќе биде сервис или критичка практика која може да го обликува градот. Нашата работа е многу повеќе од цртање зграда. Таа подразбира комуникација, разговор со станарите, процеси, неизвесност… И тука повторно го гледам театарот како важна паралела. Театарот е жив процес. Почнуваш со цртеж, но потоа треба тоа да го реализираш со сценската технологија, со луѓето, со материјалите. Истото може да се случи и со градот.
Ми се случило, еден млад човек, после неколку години работа (неформално студирање) во нашата Лабораторија: Градот како сцена,, да ми каже: „Ние низ овој процес учиме архитектура, а ништо немаме нацртано.“Но можеби токму тоа е поентата. Не е суштината само во тоа да (само) нацрташ нешто. Суштината е да научиш како да делуваш во просторот, да го разбереш просторот, да „учиш” простор. Човекот = простор. Особено денес со вештачката интелегенција, сметам дека навраќањето на процесите на истражување, комуницирање, процеси на работа со заедници може повторно да ја вратат смислата на егзистенцијата и учеството.
Радивоје Динуловиќ: Врската меѓу архитектурата и културата, мислам дека е необично важна. Архитектурата на некој начин се развива и како уметност, што е популарно разбирање. Значи, архитектурата многу ретко доаѓа до уметност, но до култура доаѓа секогаш.
Културата секогаш е култура. Култура на животот, култура на домувањето, култура на здравството, култура на сè, култура на јавниот простор итн. Не е важно дали е уметност. И нешто друго што е многу важно: архитектурата не е визуелна уметност. Архитектурата е уметност на егзистенцијата. Значи, архитектурата ја допира уметноста ако го прави животот подобар. Не затоа што е убава, не затоа што е атрактивна, не затоа што демонстрира нешто…секако, таа е и сето тоа, но тоа не е суштинско. Суштинско е егзистенцијата да биде вредна.
Професоре, вие ова не сте го оставиле само како идеја, туку го претворивте во институција основајќи го SCEN.
Радивоје Динуловиќ: Да. Тоа е суштината на школата што ја создадовме. И јас би рекол дека таа школа е остаток, или трага, на Баухаус. SCEN е директно инспириран од Баухаус. Таму архитектурата се учела преку театар, филм, перформанс, фотографија, графика, типографија. Најголемите уметници на тоа време работеле таму. Околу 2000 година добив можност да создадам нов институт, нов начин на студирање. Ги повикав најдобрите луѓе што ги знаев од тој културен простор во кој сум растел и работел. Јас не сакам да зборувам за „поранешна Југославија“ само како територија. За мене тоа е култура. Тоа е нешто што нè определува.
Не ги повикував луѓето да дојдат за да градат свои кариери. Ги повикував да дојдат за да помогнат да се изгради институција, подобро образование, да се поддржат некои вредности, идеали и визии.
Нашиот образовен систем е распаднат, надминат. А институциите можат да се менуваат само однатре.Ако си дел од една институција, можеш постепено да ја менуваш, со луѓе што го разбираат тоа. Тоа важи за факултетите, за театрите, за медиумите, за јавните институции. Законите и декретите се само површина. Суштинската промена се случува внатре.
Филип Јовановски: Архитектурата многу ретко се гледа како култура. Таа е култура. Дури и на дипломата пишува „дипломиран инженер архитект“.Јас не верувам дека денес можеме да ги одделуваме дисциплините на таков начин. Особено не во ова време. Мислам дека улогата на луѓето што работат во културата мора да биде многу поширока пофлексибилна и интердисциплинарна. Треба да можат да влезат во различни ситуации и да ги менуваат.

Македонија „Оваа зграда зборува (на) вистина" – Прашко квадриенале (2019) / Главна
награда: Златна ТРИГА, Автор: Филип Јовановски, кураторка: Ивана Васева
Фото: Немања Кнежевиќ
За мене е важно и прашањето на заедницата, на припадноста. Не само „јавниот простор“ во класичната смисла, туку јавноста како поширок простор – јавно време поминато заедно, јавна свест, идеолошка свест . Затоа и новите простори што ги создававме понекогаш се „кинематографски“. Тие не се само физички простори. Тие се простори кои треба активно да создаваат одговорност. Размислувањето за просторот (под простор мислам на активен простор за одредена заедница, може тоа да го викаме и театар) е размислување за одговорноста во неговото присуство. Кога поминуваш на сцена или на плоштад, тоа е одговорност како за минувачите така и за тие што го создаваат тој простор (архитекти, сценографи, режисери, драматурзи). Се создава ситуација.
Во таа насока, ќе се надоврзам на тоа што го кажа Раша дека нас не поврзува интересот да создадеме простор кои ќе активираат одредени заедници, затоа не ми се допаѓа кога некој ќе рече за киното во железничката зграда „ова е просторот на Филип“. Филип можеби иницира нешто, но идејата е тоа да стане нешто поголемо од него. Денес, кога идејата за создавање заедници е тешко замислива, тешко е и да се објасни дека активирањето и повеќедецениското работење во киното на железничката зграда, не е мој „приватен” проект. И тоа е важно да се нагласи. Да, тоа е дел од мојата уметничко-истражувачка пракса која се занимава со создавање на јавни простори, Уметничка пракса која има за „цел” да создаде јавно добро и учество, пракса која е во спротивност на приватниот простор (и интерес). Така некако ја гледам и улогата на уметноста денес. Раша го прави сличното многу години повеќе, На пример, иницијативите Биеналето за сценски дизајн, школата СЦЕН, соработката со НЕ-БИТЕФ, сите тие работи се поголеми кога стануваат дел од заедница.
Каква е денес таа релација поединец- заедница- јавен простор?
Радивоје Динуловиќ: Индивидуалниот напор е многу важен за заедничката цел. За да постои заедничка цел, мораш нешто да дадеш од себе. Тоа денес е ретко, затоа што човекот е многу повеќе одвоен од заедницата и насочен кон кариера, заработка, личен имиџ. Во последните педесетина години систематски се работи на разградување на заедницата и на изолирање на поединецот. Медиумите, технологиите, сите тие алатки можат да се користат за тоа. Но јас мислам дека треба да ги користиме истите алатки против системите што ги создаваат. Не треба да ги отфрламе. Треба да ги користиме против оние што ни ги наметнуваат.

најдобри претстави во регионот – Биенале за сценски дизајн – СЦЕН центар (Нови Сад),
Октомври 2024.
Мојата работа е насочена кон тоа барем некои студенти да препознаат дека постои некоја друга вредност и таа вредност да ја земат за себе. Денес петмина мои студенти работат со луѓето околу Филип. Тоа продолжува. Ние веќе петнаесет години комуницираме и соработуваме. Односите, партнерствата, пријателствата – од тоа се гради нешто. Мислам дека тоа е нашиот начин да се бориме против еден глобален систем кој всушност многу се плаши од тоа луѓето да се здружуваат.
Сè што правиме е, всушност, промена. Може да биде многу мека, може да биде декларативна, може да биде акциска, но може да биде, како што знаете, на пример во Србија, ќе видиме што ќе биде на изборите, многу опасна за власта и режимите.И за капиталот од другата страна, кој се реализира преку таа власт.
Јас немам никаква илузија дека Александар Вучиќ сам го носи сето тоа. Тоа не е само тој. Тој е некој што го реализира тоа. Работите се многу конкретни и јасни. Ние совршено добро ги знаеме. Значи, тој не е на власт затоа што тој лично е некаков силен човек.Затоа што има поддршка која не е само од Србија. Има поддршка од друга страна, на која ѝ одговара тоа и воопшто не ја интересира што ќе се случи со луѓето, што ќе се случи со нивниот живот.Ним им е важно да ископаат литиум. Ним им е важно да вработат работна сила која е платена десет пати помалку отколку во Западна Европа. Ним им е важно ресурсите – вода, руда, што било друго – да можат да ги експлоатираат. Како што тоа го правеле пред сто години. И тоа е најстрашното.
Зборуваме за транзиција. Просто, „транзиција“ е толку лицемерен збор за да се објасни еден процес кој всушност е процес на реставрација. Реставрација на што? На првобитната акумулација на капитал.Значи, ние сега живееме во некое предмарксистичко време. Јас, како марксист, што друго можам да правам освен да се борам? Значи, исто како што би се борел во XIX век, да се борам и сега. За некое уверување. Не знам… Не знам дали тогаш било потешко.Или денес. Јас долго време мислев дека општеството се движи кон тоа луѓето да работат во согласност со своите вредности и за доброто на заедницата. Но идеологијата на капиталот стана доминантна. И проблемот е што денес немаме доволно алтернативни идеологии.
Филип Јовановски:Денес и активизмот може да биде брендиран. Можеш да имаш радикалност што изгледа радикално, но суштински не е. Неолиберализмот го дозволува тој простор на мимикрија. Радикалноста мора да се одрази низ просторот и низ времето. Радикалноста не можеш да ја лажираш. Кога зборуваме за радикалност, мислам дека таа се создава само преку поминување време заедно. Преку Присуство. Сериозно присуство. А денешниот свет сето тоа го атомизира. Еве еден пример, што ја прави суштинската разлика на актуалните студентски протести во Србија. Студентите иницираа маршеви каде граѓани (знам неко од нив лично) одеа пешки со денови од еден до друг град. Тоа е друго ниво на протест, на бунт, на револт, кога телото го ставаш во функција на одредена промена во реално време, без етсетизација со искинати патики и реални плускавци, умор, напор но и инспирација и ширеење на надеж кон одредени заедници дека сепак е можно, да одиме пешки, чекор по чекор, како одговор на радикалниот брутален капитализам и стварност. Можно е да замислиме и практикуваме друга реалност.
Моќта на физичкото присуство е јасно видлива во студентските маршеви низ Србија……

на 21. издание на АКТО, октомври 2026, фото: АКТО
Радивоје Динуловиќ: Да. Мене многу ме фасцинира тоа што тие одат низ села и мали градови и физички доаѓаат до луѓето што можеби гледаат Пинк или читаат Информер. Телото е во просторот. Се потиш, се валкаш, ти се кинат панталоните, добиваш плускавци. Тоа е автентично.
Замислете млад човек од дваесет и две, дваесет и три години кој оди двесте километри и доаѓа во едно село и вели: Еј, ние постоиме. Нам ни е тешко. Знам дека и вам ви е тешко. Ајде да одиме заедно. Што можеме да направиме?Да биде малку подобро, да биде малку полесно, да живееме поинаку.
Генерација по генерација живее последните 30, можеби 40 години, без никаква надеж дека ќе биде подобро. Постојано се пласира негативноста. „Може да биде многу полошо.“ Тоа е целосно неприфатлива идеја. Јас воопшто не сакам да работам со идејата дека „може да биде полошо“. Мене ме интересира дали може подобро. Може подобро. Може подобро! Мислам дека сите ние сме актери во тоа да може да биде подобро. Не само да зборуваме дека може да биде. Не! Сакам да биде подобро. Денес сум овде за да биде подобро.
На предавањето се осврнавте на белградските протести во изминативе децении и циклусите кои одново и одново се преживуваат. Зошто физиката на денешното студентско движење е поинаква. И дали тука има нешто навистина моќно, што е причина поради која студентите немаат поширока меѓународна поддршка?

на 21. издание на АКТО, октомври 2026, фото: АКТО
Радивоје Динуловиќ: Она што ги плаши е тоа што, да не ги нарекувам центри на моќ, студентите никогаш не дозволија никој да ги контролира. Тие одбија контрола од кого било.Ни професорите, ни политичките партии, ни финансиерите.Направија инфраструктура во камповите – храна, хигиена, комуникација со јавноста, безбедност. Во суштина, направија мала држава.Значи, тие успеаја да создадат систем во кој самите одлучуваат. Навистина самите одлучуваат и сами за себе ја обезбедуваат поддршката. Луѓето им даваат поддршка, но од нив не бараат ништо. И тоа е суштината. Тие создадоа една клима, една атмосфера во која сите ние ќе ги храниме, ќе ги возиме каде што треба, ќе ги заштитиме физички и така натаму, а од нив нема да бараме ништо.
Ќе им дадеме целосна слобода тие да го водат процесот. Навистина, тие направија листа од 250 кандидати, од кои јас препознавам можеби пет имиња. Значи, не знам кои се тие луѓе. И тоа е голема работа. Тоа веќе не се луѓе што се декларираат како политичари и за кои ја знаеме нивната биографија. Јас сега би требало да истражувам, но не ме интересира и не сакам да истражувам. Им верувам. Затоа што тие поминаа низ ригорозна проверка.Со месеци работеа на тоа да го проверат секој од тие луѓе, да не се појави некој проблем.Не велам дека нема да се случи некоја грешка, сигурно некој ќе згреши, но тоа не е важно.
Генерално гледано, ова е нешто целосно ново. Не знам дали може да се пренесе насекаде, но мислам дека вреди да се проба. Тие одбија соработка со политичките партии. А опозициските партии потоа се жалат. Но јас би ги прашал: зошто вие не постигнавте промена за сите овие децении? Од сите избори досега владејачката партија излегуваше се’ посилна…
Останува прашањето како идеите преживуваат во реалноста – особено кога немаат стабилна поддршка.
Филип Јовановски: Ниту еден грант не финансирал проект единаесет години во континуитет. Ако еден проект успее да преживее подолго од еден финансиски циклус, тогаш станува посилен од самиот процес на финансирање, станува живот, пракса и слобода во исто време. И затоа, кога зборувам за аскетизам, не мислам на некаква романтика. Мислам на приоритети во трошењето на постоечките ресурси. Има едно брилијатно интервју помеѓу режисерите Вим Вендерс и Жан Лик Годар во книгата на Вендерс „Логика на сликите” каде процесот на создавање уметност го споредуваат со секојдневно хранење/трошење постоечки ресурси. Правиш (создаваш естетика) од тоа што го имаш. Таа дисциплина е многу важна.
Ние (во и околу киното на железничката зграда) градиме заедница со присуство. И тоа е нашата моќ. Тоа е нашето политичко делување.
Радивоје Динуловиќ: Не сме во манастир. И ние сакаме да седнеме во ресторан, да се дружиме, да уживаме. Но прашањето е што ни се приоритетите.
Тоа го покажавме и со Биеналето на сценски дизајн. Матко Ботиќ,Филип и јасбевме во жирито. Во еден циклус имавме многу добри услови за работа, во следниот многу помалку, а потоа практично немавме финансии. Но продолживме. Си купивме билети, си плативме патувања, работевме преку Zoom, правевме што можевме. Имавме дваесет и една претстава. Нормално, сакаме да ги гледаме во живо, но ако не може, ќе користиме видео. Поважно е да го зачуваме процесот и самото биенале отколку да инсистираме на некаков принцип по секоја цена.
Филип Јовановски: Затоа е и мотото на Не-БИТЕФ: „БиТЕФ е таму каде што ќе се собереме.“ И затоа мислам дека треба да направиме разлика меѓу професија и повик.Професијата е нешто што го работиш. Повикот подразбира посветеност, ентузијазам, мобилизација, акција. Некој вид на над/вишок професија. Горан Стефановски во едно интервју вели „уметникот е занаетчија со вишок знаење”. И мислам дека студентите треба да ги учиме и на тоа. Не само на професија, туку и на повик. Повикот ќе ја направи разликата, промената.
Радивоје Динуловиќ: Јас не сакам моите студенти да се снаоѓаат во овој свет. Не сакам тие да најдат место за себе во овој свет. Сакам тие да создаваат свет за себе. Сакам тој свет да биде нивен, автентичен, заснован на некои вредности. Не само да најдат работа, позиција, место. Но не сакам активизмот и општествениот ангажман да станат занает, професија. Професионални активисти без идеологија, без вредности, мене не ме интересираат. Мене ме интересира да веруваш во нешто, да го работиш она во што веруваш и околу себе да создаваш луѓе кои ќе го споделат тоа. Тоа навистина оди bottom-up, одоздола нагоре. Само во тоа верувам. И промената може да се случи однатре – во маало, во училиште, во институција. Гледавме и луѓе од РТС кои јавно се спротивставија на институционалната политика и потоа беа изложени на мобинг. Тоа е цената. Тоа е повикот.

рамки на 21. издание на АКТО, Кино на Железничката зграда во Скопје, октомври
2026, фото: АКТО
Кога зборувате за повик, за учество и за припадност, и двајцата реферирате на југословенскиот културен простор.
Филип Јовановски: Моите родители студирале во Белград. Оделе на претстави. Татко ми беше градежен инженер, од првиот БИТЕФ бил присутен на претсавите. Од него првпат слушнав за БИтеф и за Боб Вилсон. Тоа што ми е важно е дека луѓе кои не биле професионално во културата учествувале во нејзиниот развој. Инженери, лекари, луѓе од различни професии – сите можеле да бидат дел од културниот живот, да одат на претстави, да бидат публика, да учествуваат.
Културата, учеството во општествениот живот им било повик, а не професија. Некакотоа го пренеле на генерации кои во Битола пред 25 години го создававме АКТО. Денес културата е многу фрагментирана, а со тоа ја губи и својата моќ. Често гледаме култура комплетно изолирана од општетсвените процеси. Културата престана да биде дел од животот(чест на напорите на одредени иницијативи од независната културна сцена).
Затоа за мене Југославија не е само географија. Тоа е одреден начин на живеење и учество, од оваа дистанца прилично уникатно.
Радивоје Динуловиќ: Јас би рекол дека југословенската култура не беше само приказна. Беше практика.
Филип Јовановски: И ние денес работиме на урнатините на таа солидарност. Скопје е град што е изграден и како град на солидарноста. Фасцинантно од денешна дистанца. Нашиот другар, режисерот Борис Бакал вели „Скопје е балканската Бразилија” Замислете изградија град, јавен град, со јавни инситтуции и објекти за помалку од 15 години, а денес понекогаш е проблем и една фасада да се поправи.
Радивоје Динуловиќ: Понекогаш е потребна катарза, нешто што ќе го помести човекот, за да се отклучи тој потиснат импулс на заедништво. Е, наше е да го отклучиме.Секој човек има некаков внатрешен простор. Прашањето е што ќе направиме со него.
Имам еден пример од театарот што многу го сакам. Ние имавме еден столар во театарот, Никола Крњулац се викаше, веќе не е жив. Беше тежок човек, самосвесен дека неговиот дел од работата бил совршен занает. Но тој доаѓаше на самата премиера. Свечено облечен. Значи, столар кој живеел во некое село близу Белград. Панталони на штрафти. Црвен кадифен прслук. Бела кошула, вратоврска, црн костум. Доаѓа на премиерата. Не гледа ништо. Седнува во бифето и седи во бифето, затоа што за него свеченоста е тоа што тој работел на таа претстава. Не гледа. Воопшто не гледа. Но знае дека неговите раце ја изградиле претставата. И тој дошол таму, не живее близу, дошол свечено облечен за да го помине тоа време таму, наместо дома.
Јас мислам дека тоа е суштинската партиципација. Ви велам, човек со кој многу тешко се работеше, но на крајот гледаш дека тој е суштински внатре. И јас мислам дека тоа чувство на припадност е страшно важно.
Затоа што со децении се работело и на тоа да се изгуби. Да дојдеме до: „Во ред, јас одам таму да работам, но тоа не е мое.“
Филип Јовановски: Театарот, всушност, не го дефинира зградата. Го дефинираат ритуалот и протоколот на собирањето. Тоа е заедничкото доаѓање, средбата, луѓето што учествуваат, вклучувајќи ги и оние што не се видливи на сцената. Денес многу институции го изгубија тој протокол. Често гледаме згради со луѓе внатре – но тоа не е театар. Ги нема техничарите, луѓето зад сцената, заедничкото собирање, бифето…
Театарот не е само зграда во која има актери. Театарот е нешто друго. Тој е заедница, протокол, присуство, време поминато заедно. И можеби токму тука е и најважното прашање за иднината – како повторно да создадеме ситуации во кои луѓето ќе почувствуваат дека припаѓаат. Ако нешто покажаа српските студенти, тоа е дека младите луѓе сè уште можат да направат неверојатни работи.
