Зеленски со критика за Трамп: Путин е агресор и убиец, како може да ви биде пријател?

Украинскиот претседател му замери на Вашингтон за недоволниот притисок врз Москва и доцнењето на противвоздушните системи Патриот, нагласувајќи дека поради недостигот од ракети гинат цивили.
Фото: Скриншот, Би-Би-Си

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за Би-Би-Си упати отворена критика кон Соединетите Американски Држави поради недоволниот притисок врз Русија, доцнењето на воената помош и односот на американскиот претседател Доналд Трамп кон рускиот претседател Владимир Путин. Реагирајќи на фотографијата што Трамп ја објави со Путин со опис „мој пријател“, Зеленски порача дека рускиот лидер е агресор и убиец со кого пријателството е невозможно.

Ваквата директна критика кон Вашингтон претставува реткост во јавните настапи на Зеленски, кој досега настапуваше внимателно кон американската администрација, особено по средбата со Трамп и потпретседателот Џеј Ди Венс во Белата куќа. Коментирајќи ја објавата на Трамп на социјалната мрежа Трут соушл (Truth Social), украинскиот претседател изјави дека таквиот потег е чуден и го спореди со хипотетичка ситуација во која некој за време на Втората светска војна би го нарекол Хитлер свој пријател.

Зеленски ја критикуваше и улогата на Вашингтон во мировните преговори меѓу Русија и Украина. Според него, американските пратеници понекогаш се поблиску до руските позиции отколку до ставовите на Киев.

„Кога се обидувате да се поставите целосно неутрално кон агресорот, всушност ги поддржувате и жртвата и агресорот. Тоа не е исправно“, изјави Зеленски за Би-Би-Си.

Одбраната од руските воздушни напади и понатаму е критична точка за Украина. Зеленски посочи дека земјата се соочува со голем недостиг од ракети за пресретнување балистички проектили и му замери на Вашингтон за одолговлекувањето на испораките на противвоздушните системи Патриот (Patriot).

„Штета е што се фокусираа на Блискиот Исток, каде што помагаат повеќе. Имаме сериозни прашања во врска со тоа. Поради недостигот од овие ракети гинат луѓе“, рече тој.

Во интервјуто беше отворено и прашањето за комуникациската инфраструктура на фронтот. Зеленски потврди дека сателитскиот систем Старлинк (Starlink) и неговата воена верзија Старшилд (Starshield) и понатаму се ограничено достапни на териториите под руска окупација. Одговорноста за овој проблем ја подели на два дела, наведувајќи дека техничкиот аспект е во рацете на компанијата Спејс-екс (SpaceX), додека политичката одговорност останува нејасна поради меѓусебното префрлање на вината.

Украинскиот претседател ги оправда и неодамнешните украински напади врз руски воени цели, вклучувајќи го и потопувањето на рускиот воен брод покрај брегот на Либија. Тој го оцени пловилото како целосно легитимна цел и нагласи дека Украина ваквите операции секогаш ги спроведува во координација со своите сојузници.

Истовремено, главниот град Киев се подготвува за тешка зима под засилени руски напади, кои во последниот период се насочени и кон мостовите преку реката Днепар. Поради прекините во снабдувањето со електрична енергија и нападите врз транспортните и снабдувачките рути, дел од жителите веќе го напуштија градот.


„Русија секако сака да побегнеме. Но ние ќе го браниме нашиот главен град на сите можни начини. Без главен град нема ни држава“, порача Зеленски.

е-Трн да боцка во твојот инбокс