Во периодот од 16 до 22 ноември преку Јавното претпријатие „Лајка“, граѓаните вдомиле 10 кучиња, соопштуваат од прифатилиштето. Оттаму додаваат дека во истиот тој период тимовите на ЈП „Лајка“ во Скопје заловиле и 40 улични кучиња, а најголем дел биле на територијата на Општина Гази Баба.
„Во последниот период нашите тимови забележуваат зголемен број сопственички кучиња на јавни површини, без присуство на сопственикот. Предупредуваме дека секое куче што ќе биде лоцирано на јавна површина, без разлика дали е микрочипирано или не, согласно нашите надлежности, се заловува од страна на ЈП „Лајка““, стои во соопштението.
„Лајка“ апелира и до сите сопственици на кучиња да ги почитуваат законските прописи и да не ги оставаат своите домашни миленици да се движат слободно и без надзор на јавните површини.
„Со одговорна грижа, сопствениците го намалуваат ризикот нивните кучиња да се изгубат, а со спречување на неконтролираното размножување придонесуваат и за намалување на бројот на бездомни кучиња во Скопје“, додаваат од претпријатието.
