Осумдесетгодишната американска пејачка Шер ќе го има својот прв настап на музичкиот фестивал Гластонбери во 2027 година, покрај главните ѕвезди Били Ајлиш, Хари Стајлс и Сем Фендер. Фестивалот ќе се одржи од 23 до 27 јуни 2027 година на имотот Ворти Фарм во англиската грофовија Сомерсет, по едногодишна пауза во 2026 година. Организаторите соопштија дека влезниците се распродадоа за само 42 минути.
Настапот на Шер на Гластонбери 2027 ќе биде нејзино единствено фестивалско појавување во Обединетото Кралство таа година. Таа ќе настапи во недела, во престижниот попладневен термин на главната сцена Пирамида, кој низ годините им припаѓаше на Род Стјуарт, Шанаја Твејн, Дајана Рос и Кајли Миног. Пејачката е позната по светските хитови „Билив“ (Believe), „Иф Ај куд трн бек тајм“ (If I Could Turn Back Time) и „Ај гот ју бејб“ (I Got You Babe).
Програмата на главните изведувачи на сцената Пирамида ќе ја отвори британскиот музичар Сем Фендер во петок, 25 јуни. Во сабота, 26 јуни, на истата сцена ќе настапи Хари Стајлс, додека фестивалот ќе го затвори Били Ајлиш во недела, 27 јуни. За Стајлс и за Фендер ова ќе бидат први настапи во улога на главни ѕвезди на Гластонбери.
Били Ајлиш веќе го предводеше овој фестивал во 2022 година, кога на 20-годишна возраст стана најмладата самостојна изведувачка на која и припаднала таа позиција. Заедно со Стајлс и Фендер, тие тројца ја формираат најмладата главна фестивалска постава од 1997 година.
Покрај четворицата водечки изведувачи, на листата за 2027 година се потврдени и Лили Ален, Масив Атак, Литл Симз, Ди екс-екс, Еф-кеј-еј твигс, Чејс енд стејтус, Прајмал скрим, Ди стритс, Сомбр, Кејси Масгрејвс и Сиена Спиро. Првпат на фестивалот ќе дојде и германскиот електронски состав Крафтверк, кој ќе ја предводи програмата на сцената Вест Холтс. Најавени се и настапите на Де ла соул, Робин, Езра колектив, Бонобо и Ниа Аркајвс, а организаторите најавија објава на дополнителни имиња во текот на следната година.
Гластонбери се враќа на Ворти Фарм по традиционалната година на одмор во 2026 година, период во кој организаторите и локалното население одмораат, а земјиштето се обновува. Иако цената на влезниците првпат ја надмина границата од 400 фунти и достигна 408 фунти со вклучена такса за резервација, целиот контингент беше распродаден за 42 минути.
Организаторката на фестивалот, Емили Ивис, го поздрави враќањето на настанот по паузата.
„Пресреќни сме што се враќаме по годината пауза. Сакавме уште сега да ви дадеме мал музички увид во тоа што ве чека на Гластонбери 2027“, изјави Ивис, додавајќи дека едвај го чека повторното собирање на публиката на Ворти Фарм.
