Општината испратила допис до сите странски амбасади во Македонија, со барање амбасадорите да го отворат прашањето пред Владата и надлежните институции. Во меѓувреме, добитокот влегува и во училишните дворови, а жителите со години се соочуваат со уништени посеви и загрозена безбедност.
Откако кравите од Крива Паланка станаа меѓународна вест, Општината реши да побара помош и од странските дипломати за проблемот што со години не успеваат да го решат домашните институции.
На 17 ноември, локалната самоуправа испратила допис до сите странски амбасади и амбасадори акредитирани во Македонија, барајќи дипломатска поддршка за трајно решавање на проблемот со повеќе од 1.000 грла крупен добиток што без надзор се движат низ градот и околината.
Од амбасадорите се бара во разговорите со претставници на Владата и надлежните институции да укажат на ризиците за граѓаните и потребата од итно и координирано постапување.
На овој начин проблемот што првично беше локален, а потоа стана национален, сега добива и дипломатска димензија.
Од Крива Паланка до светските медиуми
Необичните сцени со крави што се движат по улици, паркови, дворови и сообраќајници во изминатите денови ги пренесоа повеќе светски медиуми.
На 13 ноември „Еуроњуз“ објави видеорепортажа за повеќе од 1.000 крави што слободно се движат низ Крива Паланка, предизвикувајќи материјални штети и загриженост кај локалното население.
За проблемот известуваше и американската новинска агенција „Асошиејтед прес“, чија репортажа беше пренесена во повеќе меѓународни медиуми. Следуваа и прилози на „Дојче веле“ и регионални телевизии.
Во извештаите се опишува како добитокот уништува земјоделски насади, влегува во приватни дворови и претставува опасност за сообраќајот, вклучително и на патот кон Бугарија.
Проблемот, според сведочењата на жителите, трае со години, а бројот на животните постојано се зголемувал.
Кравите влегоа и во училишниот двор
Додека светските медиуми известуваат за необичната состојба, жителите на Крива Паланка продолжуваат секојдневно да се соочуваат со последиците.
Последниот случај што предизвика загриженост е влегувањето на добитокот во дворот на средното општинско училиште.
Градоначалникот Сашко Митовски предупреди дека присуството на крупен добиток во училишниот простор претставува непосреден ризик за учениците.
Од Општината посочуваат дека животните се движат и по јавните патишта, со што ја загрозуваат безбедноста на пешаците и возачите, а истовремено предизвикуваат штети на земјоделските површини.
Државата има надлежности, Општината бара овластувања
Градоначалникот Митовски претходно побара од Владата да прогласи 30-дневна кризна состојба за да се овозможи координирано постапување на институциите.
Тој побара и законски механизам со кој локалната самоуправа би можела да ја координира акцијата за отстранување на добитокот.
Според информациите објавени во медиумите, Агенцијата за храна и ветеринарство уште во 2024 година донела решенија за одземање на дел од животните, но нивното фактичко отстранување и згрижување не било целосно спроведено.
Токму неусогласеноста меѓу законските надлежности и практичното постапување е една од главните причини поради кои проблемот останува нерешен.
Општината наведува дека нема доволно ресурси и законски инструменти самостојно да управува со толкав број животни.
Ќе го решаваат ли амбасадорите проблемот што не го решија домашните институции?
Со најновиот допис, Општина Крива Паланка бара странските дипломати да помогнат преку нивните редовни контакти со државните власти.
Целта, како што објаснува локалната самоуправа, е да се воспостави директен работен дијалог меѓу Владата, надлежните агенции и Општината, да се договорат конкретни мерки, да се утврди институционалната одговорност и да се определат рокови за постапување.
Но странските амбасади немаат надлежност да го отстрануваат добитокот или да носат управни одлуки во Македонија. Нивната евентуална улога би била дипломатска, преку отворање на прашањето во комуникацијата со надлежните институции.
Засега не е соопштено дали некоја амбасада одговорила на барањето или најавила конкретна поддршка.
Во меѓувреме, останува прашањето зошто за проблем што е во надлежност на домашните институции е потребна и дипломатска интервенција.
Крива Паланка со години бара решение, а неконтролираното движење на добитокот веќе е документирано и во меѓународните медиуми.
