Вработените во кафулето „Кафе Континентал“ (Cafe Continental) во Сталибриџ, во поширокото подрачје на Манчестер, поделија бакшиш од 1.000 фунти, односно околу 1.200 евра, по полноќната посета на Стиви Вондер. Седумдесет и шестгодишниот музичар пристигна во локалот со својот бенд, придружбата и ќерката Аиша веднаш по распродадениот концерт во арената „Ко-оп Лајв“ (Co-op Live), каде што го изведе култниот албум „Песни во клучот на животот“ (Songs In The Key Of Life).
Посетата на музичката легенда не била случајна, туку резултат на контакт воспоставен пред околу 18 месеци. Тогаш членовите на бендот на Вондер првпат наминале во овој мал локал за време на нивниот ангажман како придружен состав на пејачката Тони Брекстон. Сопственикот Рајан Робинсон останал во комуникација со музичарите, а во неделата добил повик со прашање дали можат повторно да дојдат по завршувањето на настапот во Манчестер.
Персоналот на „Кафе Континентал“ однапред бил известен дека ќе работи подолго од вообичаеното и дека наместо стандардното неделно печено месо треба да подготви поинакво мени. Бендот пристигнал во 23 часот, а околу 00:30 часот пред објектот застанале четири затемнети минибуси, во еден од кои бил и самиот Вондер.
На менито се нашле морски специјалитети, меѓу кои грилувана орада, традиционална рибна чорба бујабес и октопод. Во друштвото била и ќерката на музичарот, придружниот вокал Аиша, на која ѝ е посветена една од најпознатите песни од изведениот албум – „Зарем не е прекрасна?“ (Isn’t She Lovely?).
„Тој е навистина пријатен човек, кој со задоволство разговараше со сите. Неговото семејство, придружбата и екипата се навистина прекрасни. Човек воопшто не би помислил дека се познати, а сите беа многу воодушевени од ресторанот“, изјави сопственикот Рајан Робинсон за британскиот јавен сервис Би-би-си (BBC).
Албумот „Песни во клучот на животот“, објавен во 1976 година, важи за едно од најзначајните дела во историјата на популарната музика и соул-жанрот, со освоени четири награди Греми вклучувајќи го и признанието за албум на годината. Токму прославата на ова издание ја наполни салата „Ко-оп Лајв“ во Манчестер пред полноќното заминување кон Сталибриџ.
Робинсон смета дека членовите на бендот го откриле кафулето, отворено пред две години, преку објави на друштвените мрежи. За нивниот труд до доцна во ноќта, Вондер и бендот ги наградиле вработените со напојница од 1.000 фунти.
„Да не беа друштвените мрежи, веројатно ќе пребаруваа на интернет нешто во близина, што можеби ќе ги одведеше во центарот на градот. Вака дојдоа кај нас, во предградието, и беше навистина убаво да се видат. Тоа е добро за овој крај. За мал независен локал како нашиот, ваквото внимание многу значи, а доаѓањето на толку голема ѕвезда во овој град е навистина значаен настан“, рече Робинсон.
