Камениот мост во Скопје од вечерва доби ново архитектонско и декоративно осветлување, насочено кон истакнување на камените сводови над реката Вардар. Проектот за обновување на светлосната инсталација на овој препознатлив белег на градот произлезе од Протоколот за соработка меѓу Град Скопје и турската Општина Есенлер, со учество на приватни партнери. Со новиот систем се обезбедува видливост на историската конструкција без нарушување на нејзината автентичност.
Светлосната поставка опфаќа линиски светилки и насочени рефлектори монтирани во долниот дел од мостот. Нивната задача е рамномерно да ги осветлат лаковите и столбовите што со векови ги спојуваат двата брега на Вардар.
Претходната инсталација долго време работеше со намален капацитет, оставајќи темни зони по должината на пешачката траса меѓу плоштадот Македонија и Старата скопска чаршија. Со актуелниот зафат, овој централен коридор доби целосна ноќна осветленост.
Поставувањето на светлосната опрема е дел од активностите договорени меѓу Град Скопје и Општина Есенлер од Истанбул. Во проектот финансиска и техничка поддршка дадоа Халк Банка и стопанственици. Камениот мост е заштитено културно наследство од прва категорија. Поради тоа, техничката изведба мораше да обезбеди заштита на автентичниот камен материјал од оштетувања при монтажата на каблите и телата.
