На 12 октомври 1979 година британската издавачка куќа Пан Букс го објавила романот „Автостоперски водич низ галаксијата“ од Даглас Адамс. Книгата произлегла од истоимената радиосерија на Би-Би-Си, а приказната за Артур Дент, кој ја губи Земјата заради изградба на галактичка експресна рута, набрзо прераснала во култен хит.
Идејата се родила на една ливада во Инсбрук
Адамс со години ја раскажувал истата приказна за потеклото на книгата. Во 1971 година автостопирал низ Европа и една ноќ лежел на ливада во близина на Инсбрук, Австрија. Со себе имал туристички водич за автостопери низ Европа. Гледајќи во ѕвездите, помислил дека некој треба да напише сличен водич, но за целата галаксија.
Подоцна се шегувал дека приказната ја раскажал толку многу пати што веќе не бил сигурен дали навистина се сеќава на настанот или само на начинот на кој го раскажувал.

Земјата е урната поради експресен пат
Романот почнува со еден обичен четврток. Куќата на Артур Дент треба да биде урната за да се изгради обиколница. Неколку минути подоцна, вонземската раса Вогони ја урива целата Земја за да направи место за хиперпросторна експресна рута.
Артур се спасува благодарение на својот пријател Форд Префект, кој се покажува дека е вонземјанин и истражувач за „Водичот“ електронска енциклопедија за патници низ вселената, чија корица носи едноставна порака: „Не паничете“.
Низ патувањето Артур ги среќава претседателот на галаксијата Зејфод Библброкс, Земјанката Трилијан и депресивниот робот Марвин. Вогоните, пак, се познати и по својата поезија, која според книгата е трета најлоша во универзумот.
Зошто одговорот на сè е 42?
Најпознатата шега од книгата е одговорот на конечното прашање за животот, универзумот и сè. Суперкомпјутерот „Длабока мисла“ пресметува седум и пол милиони години, а неговиот конечен одговор е – 42.
Проблемот е што никој не знае кое е всушност прашањето.
Обожавателите со децении бараат скриено значење во бројот, но Адамс објаснувал дека немало никаква тајна зад него. Сакал едноставен и обичен број па го избрал 42.
Во книгата постои мала жолта риба што се става во увото и веднаш преведува кој било јазик. Адамс ја нарекол вавилонска риба. Идејата звучи како научна фантастика од 1979 година, но денес технологијата се приближува до неа. Слушалки и апликации веќе можат да преведуваат разговори речиси во реално време.
Од радио до „трилогија во пет дела“
Пред успехот на „Автостоперскиот водич“, Адамс пишувал скечеви со членот на „Монти Пајтон“ Греам Чепмен и работел како сценарист и уредник на сценарија за серијата „Доктор Ху“. По првиот роман следувале уште четири книги: „Ресторанот на крајот од универзумот“ (1980), „Животот, универзумот и сè“ (1982), „Збогум и фала за рибата“ (1984) и „Претежно безопасно“ (1992).
Адамс серијалот иронично го нарекувал „трилогија во пет дела“. Шестиот дел, „И уште нешто…“, го напишал ирскиот писател Овен Колфер во 2009 година, осум години по смртта на Адамс.
Приказната добила и телевизиска серија на Би-Би-Си во 1981 година, како и филм во 2005 година. Во филмот Артур Дент го игра Мартин Фримен, а гласот на роботот Марвин му го позајмил Алан Рикман.
Денот на пешкирот и „Не паничете“ во вселената
Според „Водичот“, пешкирот е најкорисниот предмет што еден галактички автостопер може да го има. Даглас Адамс починал на 11 мај 2001 година, на 49-годишна возраст. Две недели подоцна, на 25 мај, обожавателите за првпат го одбележале Денот на пешкирот, носејќи пешкири со себе насекаде.
Традицијата продолжила и денес. Во 2018 година, компанијата СпејсИкс со ракетата „Фалкон Хеви“ во вселената го лансирала автомобилот „Тесла Роудстер“ на Илон Маск. На екранот на таблата стоел натписот „Не паничете“.
Четврта омилена книга на Британците
Во големата анкета на Би-Би-Си „Големото читање“ од 2003 година, „Автостоперскиот водич низ галаксијата“ бил избран на четвртото место меѓу омилените книги на британските читатели. Пред него биле „Господарот на прстените“, „Гордост и предрасуда“ и трилогијата „Неговите темни материи“.