Глобалните трошоци за развој на вештачка интелигенција ги надминаа сите историски вложувања во железницата и интернетот, но економистите предупредуваат дека вистинскиот поврат на парите останува целосно неизвесен. Само трошоците за нови податочни центри би можеле да достигнат 30 билиони (30.000 милијарди) долари до 2050 година, покажуваат проценките на консултантската куќа PwC, додека финансиските гиганти како Џеј Пи Морган посочуваат дека очекуваниот раст на продуктивноста во САД засега изостанува.
Размерите на трката за супериорност се гледаат во плановите на водечките технолошки играчи. Компанијата Антропик планира да потроши 518 милијарди долари во следните години, открива нивниот проспект за првична јавна понуда на акции. Оваа сума е над сто пати поголема од вкупните приходи што компанијата ги оствари во 2025 година.
Поддржувачите на технологијата тврдат дека вештачката интелигенција ќе донесе подлабоки општествени промени од парната машина и индустриската револуција. Сепак, аналитичарите предупредуваат дека зад ваквите проценки стојат претпоставки за енормна идна добивка кои сè уште немаат потврда на терен.
Студија на консултантската куќа Бејн енд компани нагласува дека подобрувањето на ефикасноста на постојните пазари нема да биде доволно за да ги оправда тековните издатоци. Според нивната анализа, компаниите ќе мора да отворат сосема нови индустриски гранки за да го затворат финансискиот јаз.
Технолошките гиганти Гугл, Амазон и Мајкрософт мора да обезбедат над 4,2 билиони долари нови приходи во следните пет години за да го издржат зацртаното темпо на изградба на инфраструктурата. Професорот Стејн Ван Нивербург од бизнис-школата Колумбија пресметува дека американскиот сектор ќе мора да прави 3,55 билиони долари годишен приход до 2032 година за да оствари скромен поврат од десет отсто. Во моментов приходите се само мал дел од таа цел.
Аналитичарите на банката Џеј Пи Морган забележуваат дека секој голем технолошки бран низ историјата завршува кога изградбата на инфраструктурата престанува да носи поврат. Доколку математиката на исплатливост потфрли, капиталот ризикува сериозни потреси.
Истражувачите од Универзитетот Стенфорд веќе забележаа први поместувања на пазарот на труд. Вработеноста кај младите од 22 до 25 години во професии како сметководство и правна помош падна за 19 отсто во однос на секторите што не можат да се автоматизираат. Економистката Дајан Којл од Универзитетот Кембриџ потсетува дека кај претходните технолошки пресврти беа потребни меѓу 10 и 50 години за растот на продуктивноста навистина да се почувствува во целата економија.
