На Октоберфест им делат шорцеви на жените за заштита од воајери

Повеќе од 32 илјади тајни видеа под здолништата кружат на интернет, додека организаторите со велосипедски панталони се борат против масовниот бизнис.

Сопственичката на познатиот рингишпил „Теуфелсрад“ на Октоберфест во Минхен бесплатно им дели велосипедски шорцеви на жените за да ги заштити од масовно тајно снимање под здолништата. Мерката доаѓа откако истрагите открија мрежа од десетици илјади воајерски снимки од фестивалот што се продаваат и монетизираат на интернет, пренесува Би-би-си.

Рингишпилот „Теуфелсрад“ (Ѓаволско тркало) е една од најстарите атракции на Октоберфест. Возењето се состои од ротирачка платформа која постепено ја зголемува брзината сè додека учесниците не изгубат рамнотежа и не паднат.

При падовите, на жените облечени во фустани и традиционалната баварска носија дирндл често им се подигнуваат здолништата. Публиката околу платформата тоа редовно го следи, но мобилните телефони и дигиталните платформи ја претворија забавата во кривично дело. Поединци насочено снимаат под здолништата на учесничките, а материјалите потоа завршуваат на социјалните мрежи со милионски прегледи.

Тајното снимање под здолниште во Германија е кривично дело за кое е предвидена затворска казна до две години. Сепак, финансискиот мотив го надминува стравот од законски санкции.

Истражувањето на баварскиот јавен сервис БР покажа дека зад профилите стојат организирани групи, меѓу кои и професионални јутјубери од Украина и поединци од Баварија. Една авторка на вакви видеа успеала да заработи 9.000 евра само од една единствена снимка. Според минхенскиот весник „Зиддојче цајтунг“, во оптек се најмалку 32.000 илегални видеа од жени на оваа атракција. Дел од материјалите се дополнително дигитално манипулирани за жртвите да изгледаат целосно разголени.

Сопственичката на атракцијата, Елизабет Полачи, веќе три години купува и бесплатно им дели шорцеви на девојките и жените пред да се качат на платформата.

Таа за Би-би-си изјави дека ова е единствениот практичен начин директно да ги заштити гостинките од објективите во толпата. Иако обезбедувањето на фестивалот и полицијата реагираат на пријави, физичката заштита со шорцеви под традиционалната носија засега останува најефикасната бариера против дигиталниот воајеризам на најголемиот светски фестивал на пивото.

е-Трн да боцка во твојот инбокс