Под влијание на стабилно поле со висок воздушен притисок, во Македонија претстои период на суво и претежно сончево време, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи. Дневните температури ќе останат релативно пријатни, но кон крајот на седмицата и за време на викендот се очекува значителен пад на утринските температури, кои на одредени места ќе се спуштат и под нулата.
Времето утре ќе биде сончево со слаб до умерен ветер од северен правец. Во главниот град утрешната утринска температура ќе достигне 6 степени, додека дневната ќе се искачи до 25 степени. Слично ќе биде и во другите градови низ државата, каде што максималните вредности ќе се движат главно меѓу 18 и 26 степени. Најтопло утре ќе биде во Гевгелија со 26 степени, а најсвежо во Маврово и Берово, каде утринската температура во Берово ќе се спушти до 1 степен.
Од петок започнува дополнително ладење во утринските часови. Во петок минималните температури ќе се движат од 0 до 10 степени, додека максималните ќе достигнат од 18 до 25 степени.
За време на викендот утрата ќе бидат ведри и многу студени. Во сабота утринските вредности ќе се спуштат во интервал од -1 до 9 степени, а максималните ќе изнесуваат од 17 до 25 степени. Во недела минималната температура повторно ќе падне до -1 степен, додека преку денот ќе преовладува сончево време со температури до 26 степени и слаб северен ветер.