Јапонска гастрономија во Штип: Учениците од „Коле Нехтенин“ учеа вашоку кујна

Готвачката Нишикава преку демонстрација на алатки, рецепти и подготовка на онигири им ја доближи традицијата на УНЕСКО на идните готвачи.

Средношколците од училиштето „Коле Нехтенин“ во Штип и нивните наставници на 29 септември учествуваа на мастерклас за традиционална јапонска кујна, организиран од Амбасадата на Јапонија. Фокусот на обуката беше ставен врз практично запознавање со принципите на вашоку кујната, која е заштитена како нематеријално културно наследство на УНЕСКО, како и подготовка на традиционални јадења под менторство на професионален готвач.

Учениците кои се образуваат за готвачкиот позив имаа можност директно да ги видат правилата на „вашоку“. Станува збор за традиционален концепт на исхрана што се потпира врз строг баланс меѓу хранливоста, визуелниот изглед на чинијата и користењето исклучиво сезонски состојки. Оваа филозофија на исхрана од 2013 година се наоѓа на репрезентативната листа на УНЕСКО.

За време на обуката беа презентирани карактеристични јапонски кујнски ножеви и алатки со специфична намена при обработка на храната.

Практичниот дел од настанот го водеше готвачката Нишикава, која е првиот јапонски кулинарски професионалец што одржал обука во ова стручно училиште. Таа демонстрираше неколку традиционални рецепти, објаснувајќи ги спецификите во техниките на сечење и термообработка.

Средношколците не останаа само на набљудување. Во кујната тие самите подготвуваа и дегустираа онигири, популарните јапонски триаголни оризови топчиња кои служат како главен секојдневен извор на енергија во јапонската исхрана.

е-Трн да боцка во твојот инбокс