Играниот филм на Дина Дума, „Скејтбордингот не е за девојчиња“, ја доби главната награда од жирито на сениорите и кадетите на 14. Младински филмски фестивал „Џифони Македонија“. Второто долгометражно остварување на македонската авторка доби најмногу гласови од средношколците на затворањето во Скопје. Кај јуниорската публика, која филмските денови ги помина во Кинотеката, триумфираше италијанскиот игран филм „Шефот и слаткото девојче“ во режија на Андреа Порпорати.
Во категоријата за краток филм, најмладите учесници го наградија „Мило“ на Даниеле Фабиети, додека сениорите својот глас му го дадоа на насловот „The Mole“ во режија на Марко Санторо. Најдобар анимиран краток филм е кипарскиот „Cinema Rialto“ на режисерот Антони Петроу.
Жирито составено од основни и средни училишта вреднуваше и домашни и странски ученички продукции. Кај основците победи филмот „1863: Американска крв“ (1863: American Blood Director) на Лео Кан. Во категоријата за средношколци, првото место рамноправно го поделија „Не биди тивок – пријави малтретирање“ (Don’t Be Silent – Report harassment) на домашната авторка Фросина Захда и ерменскиот „Reaching Seventeen“ на режисерката Марија Ковалева.
Петдневната програма заврши со презентација на сработеното во младинските работилници во киното „Фросина“. Џифонците изведоа кратки играни и документарни филмови, сегменти од мјузикл и ликовни дела создадени за време на фестивалот.
Според оценките на жиријата, Леко Бардароски, Сара Драгниќ и Калина Ивановска се избрани за најактивни учесници на годинешното издание. Овие тројца млади креативци добија директно учество на меѓународниот фестивал „Џифони експириенс“ во Италија идната година.
Годинешното 14. издание се реализираше со финансиска поддршка од домашната Агенција за филм, Министерството за култура на Италија, Италијанската амбасада, Италијанскиот културен институт, организацијата „Џифони Експириенс“, Град Скопје, како и скопските општини Карпош, Центар и Кисела Вода.