Урош Ѓоровиќ, гостин на Ре Култура: „Младите книжевни сцени во регионот веќе создаваат заедница без граници“

Младиот поет и автор на „Уриел“, Урош Ѓоровиќ, за телото како поетски простор, наградите, новата книга „Глад за светот што пее“ и книжевната сцена што се создава без граници

Урош Ѓоровиќ е еден од младите поетски гласови од регионот кој со „Уриел“ привлече внимание и ги освои „Бранковата награда“ и признанието „Матиќев шал“. Роден во Панчево во 2001 година, по студиите по Општа книжевност и теорија на книжевноста се запишува на Продукција на драмски и аудиовизуелни уметности и медиуми во Белград. Автор е на „Уриел“ (2023), а неговата втора стихозбирка „Глад за светот што пее“ (2026) е наградена на конкурсот на „Раштан издаваштво“.

Во неговата поезија телото, сетилното искуство, градот, љубовта, стравот и секојдневието се преплетуваат во стихови што бараат време од читателот. „Уриел“ сега пристигнува и пред македонската публика во препев на Андреј Медиќ Лазаревски, а промоцијата ќе се одржи на 23 септември во рамките на фестивалот „Ре-култура“. Ѓоровиќ ќе настапи и на поетското читање „Се читаме!“, заедно со автори од Србија и Македонија.

Со Урош Ѓоровиќ разговаравме за телото како поетски простор, за потребата од бегство од реалноста, за наградите, новата книга, читањето во време на скролање и за тоа дали младите автори во регионот навистина успеваат да создадат заедничка книжевна сцена.

Трн: Во твојата поезија телото постојано се појавува. Зошто телото?Дали затоа што е најдиректниот начин да зборуваш за интимноста, желбата и ранливоста?

Урош: За мене поезијата е многу телесна работа, колку и да изгледа спротивно на прв поглед. Сетилните искуства и сензации се клучот за поезијата што ја пишувам и за мојот начин на поврзување со сопствениот текст, но и со туѓите. Исто така, препуштањето на телото, во зависност од контекстот, може да биде возвишено искуство или нешто сосема погубно. А ние живееме на пресекот меѓу тие две нешта, каде што, всушност, е најинтересно за промислување преку поезијата.

Трн: За „Уриел“ е напишано дека светот во песните се деформира, се топи и повторно се создава. Дали поезијата за тебе е начин да побегнеш од реалноста или да ја направиш поподнослива?

Одговор Урош: Со дистанца од пишувањето на првата книга можам да согледам дека, всушност, преку поезијата и поетскиот јазик се обидував да ја ублажам или разубавам реалноста во која се наоѓам. Не би рекол нужно дека станува збор за естетизација на негативните чувства, туку поблиску е до искуството да се биде жива личност во дадениот момент, што со себе дефинитивно носи елементи на свесен ескапизам. Мислам дека тоа, на некој начин, е и генерациска работа ние научивме да ги дефинираме и разбираме своите емоции со помош на визуелното.

Трн: „Уриел“ ги доби „Бранковата награда“ и „Матиќев шал“. Што прави наградата со еден млад автор – му дава самодоверба или му создава нов притисок да ги оправда очекувањата?

Урош: Пред сè, имав голема среќа со тоа што за истата книга добив две награди и ги донесов во мојот роден град, и тоа во моментот кога поголемиот дел од следниот ракопис веќе го имав напишано. Мислам дека дефинитивно постои верзија на настаните во која овие награди ги добивам без ништо ново напишано и во која тоа ме парализира за понатамошната работа, поточно за сопствената верба во мојата работа.

Трн: Твојата втора книга се вика „Глад за светот што пее“. Од што е гладен тој свет – од музика, луѓе, смисла или нешто четврто?

Урош: Како што минуваше времето, дојдов до заклучок дека таа фраза е некаков вид етикетирање на состојба, како некаква дијагноза, или на моето сопствено чувство на постоење во дадениот момент. Од една страна, може да се чита како потреба за нешто повеќе, но истовремено е и потсетник дека пеењето може да значи различни нешта – исто колку што може да биде нешто убаво и колективно, толку може да биде и нешто тажно и осамено.

Трн: Првата книга е од 2023, втората доаѓа во 2026. Што најмногу се промени кај Урош како автор во тие три години?

Урош: Многу читање, активна работа и дружење ме доведоа во ситуација дополнително да ги проширам своите видици и со тоа да оставам простор за понатамошен развој. Дефинитивно постои преклопување кога станува збор за двете книги, но се надевам дека во втората се гледа напредок во однос на првата. Една од работите што ме инспирираше и предизвикуваше беше обидот да напишам песни што се подолги од која било во „Уриел“, а притоа да останат смислени целини. Се надевам дека во тоа и успеав.

Трн: Во време кога кратката форма доминира на интернетот, како ја браниш потребата читателот да застане над песната и да ја чита полека, наместо да ја „скрола“?

Урош: Мислам дека токму тој квалитет е она со што најлесно, дури и на некого без студии по книжевност, би можел да му објаснам што е добра, а што лоша песна. Некои се создадени и напишани како опис на Инстаграм, додека најдобрите подразбираат дека со секое читање можеме да внесеме нешто ново – мисла, боја, сензација итн.

Трн: Како некој што е активен на регионалната книжевна сцена, дали младите автори од Србија, Македонија и регионот денес навистина се поврзани или и понатаму секој има своја мала книжевна соба?

Урош: До спојување и создавање заедница надвор од границите на државите навистина дојде, но малите книжевни соби, како што ги нарековте, постојат паралелно со тоа. Дури и во рамките на белградско-панчевската сцена имаме различни табори со целосно различни идеолошки, но и поетски простори. Сè уште не сме се канибализирале целосно како сцена, но можеби и тоа не би било лошо како поттик за таборот на некои поспани поети.

Трн: И за крај, ако некој ти каже „не читам поезија, ништо не разбирам“, која песна би му ја дал како последен обид да го убедиш дека можеби греши?

Урош: Мислам дека ова е баш одговор на прва топка, но песната „Диви гуски“ од Мери Оливер е нешто што е врвна поезија, а истовремено е сосема опиплива и разбирлива и за некого кој не се занимава со книжевност или не чита или пишува редовно.

е-Трн да боцка во твојот инбокс