Фјола Рамадани и Јасна Аврамовска со рецитал за флејта и пијано во Белград

Македонскиот КИЦ во Србија организира концерт во Културниот центар Белград со дела од Зографски, Санкан, Видор и Шуберт.

Флејтистката Фјола Рамадани и пијанистката Јасна Аврамовска вечерва настапуваат во Културниот центар Белград, со почеток во 18 часот. Рециталот за флејта и пијано се одржува во организација на Македонскиот културно-информативен центар во Белград и со поддршка на Министерството за култура и туризам. Настанот официјално ќе го отворат директорот на КИЦ, Васко Шутаров, и уредничката на музичката програма на белгискиот центар, Дамјана Његиќ.

Репертоарот на белградскиот рецитал опфаќа композиции од светската класична литература за флејта и пијано, но и репрезентативно домашно творештво. Публиката ќе слушне дела од француските автори Пјер Санкан и Шарл-Мари Видор, австрискиот романтичар Франц Шуберт, како и композицијата „Инвенција Сиринкс“ од македонскиот композитор Томислав Зографски.

Изборот на Зографски дава препознатлив белег на програмата, позиционирајќи ја македонската музичка мисла рамо до рамо со европските класици пред српската публика.

Фјола Рамадани е родена во Скопје во 2003 година. Дипломирала на Универзитетот за музика и уметност во Анкара, во класата на професорите Х. Х. Тургај и О. Учар. Своето стручно усовршување го продолжила преку магистерски курсеви во Париз и Истанбул.

Рамадани има освоено повеќе признанија на интернационални натпревари. Меѓу нив се првото место на Меѓународниот натпревар по камерна музика КМК во Кавадарци и втората награда на фестивалот „АрсКосова“ во Приштина. На меѓународниот фестивал на полихимни во Скопје и на студентскиот натпревар во Анкара го освои третото место. Досега остварила настапи во концертни сали во Скопје, Анкара, Асос, Истанбул и Загреб.

Пијанистката Јасна Аврамовска дипломирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класите на професорите Снежана Анастасова-Чадиковска и Тодор Светиев. Магистрирала во Бугарија, на Музичката академија „Панчо Владигеров“ кај професорката Жени Захариева.

Аврамовска настапувала како солист и камерен музичар низ повеќе европски држави, во Турција и во САД. Истанбулската филхармонија ѝ додели статус на почесен уметник од Македонија. Работи како професорка по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ и како уметнички соработник на ФМУ во Скопје, а истовремено е активен член на Здружението на музички уметници и музички педагози.

е-Трн да боцка во твојот инбокс