Руската државна корпорација Росатом започна проширување на фабриката „Алабуга-Волокно“ во регионот Татарстан со цел производство на дополнителни 500 тони јаглеродни влакна годишно, објави бриселскиот портал Политико, повикувајќи се на интерна руска документација. Според експертски проценки, ова зголемување на капацитетот овозможува склопување на дополнителни 28.000 дронови годишно, што претставува скок од 78 отсто во однос на сегашниот руски воен капацитет.
Плановите за изградба на новата производна линија руската влада ги одобри во мај, со официјална намена за изработка на хемиски влакна со воздухопловен квалитет.
Сателитските снимки направени летово потврдуваат расчистување на теренот веднаш до постоечкиот комплекс во специјалната економска зона Алабуга. Основачот на вашингтонскиот Институт за наука и меѓународна безбедност Дејвид Олбрајт вели дека рокот за завршување на објектот е поставен за 2027 година.
Документите, кои првично ги прибави Украинскиот центар за безбедност и соработка (USCC), содржат детален архитектонски и инженериски распоред на машинската опрема. Американски претставници од Конгресниот комитет за Кина ја потврдија нивната автентичност.
Јаглеродните влакна се незаменлив материјал за трупот на дроновите од типот „Геран-2“, изведени од иранскиот модел „Шахед 136“. Тие му даваат цврстина на леталото без да ја зголемат неговата тежина.
Русија досега немаше сопствен погон за прекурсорот полиакрилонитрил (PAN), па беше принудена да го увезува. Претходните извештаи на Политико документираа пратка од 46 тони вакви хемикалии испратена директно од кинеска државна компанија кон Алабуга на почетокот од годинава.
Новиот погон е дизајниран да произведува специфични влакна од класата UMT42S-3K, со што Москва настојува целосно да го затвори сопствениот производствен синџир.
Украинските проценки говорат дека Русија во моментов има капацитет да произведе околу 36.000 нападни беспилотни летала годишно. Новите погони во Татарстан се директно вклопени во рускиот национален проект за беспилотни воздухопловни системи, кој предвидува вкупно 130.000 летала до 2030 година.
Раководителот на USCC Серхи Кузан предупредува дека зголемувањето на овие капацитети не е закана исклучиво за украинскиот фронт.
„Ова е долгорочен предизвик за безбедноста на цела Европа“, посочува Кузан, укажувајќи на се почестите инциденти со повреди на воздушниот простор во Полска и Романија.
Руските инженери во меѓувреме ги модифицираат летала со млазни мотори, со што се зголемува нивната брзина и оперативен дострел кон запад.