Дури 512 кандидат-зборови пристигнале на годинешниот отворен повик за „Зборотворба на годината 2026“, манифестација посветена на јазичната креативност и создавањето нови зборови во македонскиот јазик. Настанот во организација на здружението „Зборци“ ќе се одржи на 12 септември, со почеток во 19 часот, во дворот на Студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје.
Целта на иницијативата е да се поттикне јазичната креативност и да се создаде простор граѓаните самите да предлагаат зборови што би можеле природно да заживеат во секојдневниот говор. „Најмногу би нè радувало ако некој од избраните зборови навистина фати корен и почне да живее во секојдневниот говор“, велат од „Зборци“.
Од озборувањето до новите зборови
Манифестацијата ќе започне со разговор на тема „Озборување“, на кој ќе учествуваат Калиа Димитрова, Румена Бужаровска и Никола „Коља“ Гелевски, а модератор ќе биде Виктор Бучковски. Разговорот ќе го разгледува озборувањето како една од најстарите форми на човечка комуникација, но и неговата улога во создавањето блискост, доверба и правила во заедницата.
По дискусијата следува музичка програма со изведувачи од различни генерации и жанрови. Во 20:15 часот ќе настапи Женскиот младински хор при МКЦ, во 20:45 Лидија Кочовска и Јоргуш, во 21:30 Вец Вајс Верс, а во 22 часот „Животни“.
Во 23 часот е предвиден заеднички настап на Принцес Донатсу и Донплеја со Битолскиот камерен оркестар, додека програмата на полноќ ќе ја заокружат „Маратонци“. Кои зборови ќе победат?
За изборот на победничките зборови ќе одлучува жири-комисија во состав: професорките Илина Јакимовска и Станислава-Сташа Тофоска, раперот и текстописец Никола Трпески, театарскиот режисер Дамјан Читкушев и Виктор Бучковски од „Зборци“. Предност ќе имаат зборотворбите што имаат потенцијал за употреба во секојдневниот говор, можат да понудат домашни замени за интернационализми и претставуваат креативен спој на звучност и практична употреба.
Организаторите најавуваат дека активностите нема да завршат со изборот на победниците. Во план се следење на примената на Законот за употребата на македонскиот јазик, програма за работа со деца преку зборообразување, како и караван низ земјава посветен на дијалектите, архаизмите и јазичното богатство на различните краишта. „Јазикот е жив кога луѓето чувствуваат дека имаат право и радост да создаваат со него“, порачуваат од „Зборци“.