35 години независност: Каков народ, таква држава

Корупцијата не ја измислија политичарите, туку ја изградија граѓаните на шалтери, во болници и на технички прегледи.

На 8 септември 1991 година, со гласачко ливче и кренати раце на плоштадот, македонските граѓани прогласија суверена, самостојна и праведна држава. Три и пол децении подоцна, кога ќе се подвлече цртата на општествениот биланс, станува јасно дека најтрајниот континуитет на македонската независност не се реформите, европската идеја или економскиот просперитет. Единствената вистинска константа што го преживеа секој политички систем, секоја промена на власт и секој уставен преврат е еден непишан, подмолен општествен договор: корупцијата како врховен механизам за преживување, напредок и функционирање.

Со децении градиме колективна заблуда дека вината за распадот на вредностите лежи исклучиво „горе“. Политичките елити, партиските олигарси и корумпираните судии служат како совршено алиби и дежурен виновник врз кого ја истураме сета сопствена фрустрација. Но, тезата дека проблемот е исклучиво кај оние на власт претставува тежок облик на колективно лицемерие. Високата корупција не вирее во стерилен простор; таа е само институционална надградба на менталитетот што со генерации се храни оддолу. Таа почнува од ситниот секојдневен рушвет, од „кафето и бонбониерата“ на шалтер, од барањето врски за преглед преку ред и од подготвеноста да се купи секоја услуга наместо да се бара правото.

Метастазирана корупција

За да се разбере анатомијата на денешното општество, неопходна е споредба со самите почетоци на државноста. Во раните деведесетти години, корупцијата имаше поинаков лик. Тоа беа години на ембарга, шверц на нафта кон поранешна Југославија, криминална приватизација на општествениот капитал и безмилосно разграбување на фабриките. Тогашната корупција беше анархична, сурова и видлива како грабеж во правен вакуум. Луѓето сè уште наивно веруваа дека хаосот е само привремена „детска болест“ на транзицијата и дека со воспоставување на законите и пазарната економија, општеството ќе се исчисти само од себе.

Но, се случи токму спротивното. Наместо да исчезне, корупцијата метастазираше и се институционализираше. Денес, 35 години подоцна, таа повеќе не е инцидентен грабеж во транзициски хаос, туку единствен функционален крвоток на државниот апарат. Корупцијата денес е мрежа во која секој граѓанин има своја улога и своја тарифа. Не се краде само од државните тендери за автопатишта и дигитализација; корумпиран е секојдневниот контакт на обичниот човек со сопствената држава, од запишување дете во преполна градинка, преку полагање возачки испит, па сè до вработување по партиски клуч на работно место без вистински работни обврски.

Корупцијата како проблем и неопходност

Ако се погледнат емпириските податоци и истражувањата што со години ги бележат домашните и меѓународните организации, станува очигледна длабоката шизофренија на македонското општество.

На глобално ниво, мерењата на Транспаренси Интернешнл преку Индексот на перцепција на корупцијата постојано ја позиционираат државата во долниот дел од европската табела. Со резултати што со години едвај осцилираат околу 40 поени на скалата од нула до сто, Македонија е класифицирана како земја со сериозен системски проблем, каде што јавните ресурси редовно се заробени од тесни приватни интереси. Сепак, перцепцијата е само површината на проблемот.

Попоразителни се податоците за реалното искуство на граѓаните со поткупот, кои редовно ги анализираат регионалните и домашните организации, како истражувањата на СЕЛДИ мрежата и Македонскиот центар за меѓународна соработка. Овие истражувања константно покажуваат дека меѓу 30 и 40 проценти од полнолетните граѓани лично биле во ситуација каде што од нив бил побаран или тие самите понудиле поткуп, во форма на пари, подарок или противуслуга, за да завршат основна работа пред државен орган. Тоа значи дека кај повеќе од една третина од населението, рушветот не е апстрактен поим од вестите, туку реална алатка од секојдневниот живот.

Истовремено, анкетите за јавното мислење на институти како ИРИ или ИПИС откриваат апсурден парадокс: над 70 проценти од граѓаните ја посочуваат корупцијата како најголема закана за иднината и главна причина зошто младите се иселуваат. Но, кога истите тие испитаници ќе бидат прашани дали е оправдано да се искористат врски, пријатели или пари за да се добие здравствена услуга, да се избегне сообраќајна казна или да се вработи детето, повеќе од половината одговараат дека тоа е „нормално и неопходно во ваков систем“.

Јазот меѓу моралната осуда и практичното дејствување се продлабочува и со целосниот колапс на довербата во правната држава. Со доверба во судството и обвинителството која според домашните мерења и Евробарометар со години се движи во едноцифрени рамки, од поразителни 3 до 8 проценти, граѓанинот губи секакво чувство за законска рамка. Кога правдата е селективна, а крупниот криминал се „помилува“ со застарување на делата или политички амнестии, обичниот човек смета дека почитувањето на правилата е рамно на глупост. Тогаш ситниот рушвет станува легитимна самоодбрана.

Нула плус или минус резултатот е ист

Не може едно општество искрено да бара робија за политичар кој прибрал милионски провизии од државен тендер, додека истиот тој граѓанин без двоумење става двесте евра во плик за лекарот на клиника, или плаќа сто евра за да му „прогледаат низ прсти“ на технички преглед за неисправно возило. Моралната матрица во двата случаи е потполно идентична, разликата е исклучиво во бројот на нулите.

Ситниот рушвет е темелот врз кој се крева зградата на високата корупција. Оној кој навикнал да му простат прекршок за „петстотче“, утре кога ќе седне во директорска или министерска фотелја само ќе ја зголеми сумата според моќта на својот потпис. Високите функционери не се увезени од туѓа планета; тие се производ на истите училишта каде што се купуваа оцени, на истите факултети каде што се полагаше преку роднини и на истото општество во кое трудот и чесноста се исмејуваат како наивност, а снаодливоста на сметка на законот се слави како врвна животна мудрост.

35 години по 8 септември 1991 година, време е да ја погледнеме вистината во очи. Државата не е туѓо, изолирано тело што нè мачи од сенка; таа е прецизен механички збир од сите наши секојдневни компромиси, замижувања пред неправдата и ситни предавства на сопствениот интегритет. Каков народ – таква држава: не затоа што некој нè проколнал, туку затоа што токму ваква држава најмногу ни одговараше за да не мора никогаш да почнеме од себе.

Среќен ден на незавиноста!

е-Трн да боцка во твојот инбокс