Пратениците на Трамп му пренеле на Зеленски дека Путин сака преговори

По тричасовна средба во Кремљ, специјалните пратеници на Вашингтон пристигнаа во Киев со порака дека Москва бара дипломатски излез пред зимата.
Фото: @ZelenskyyUa

Американските власти испитуваат можности за намалување на воените дејствија меѓу Киев и Москва пред претстојната зима и отворање простор за преговори за сеопфатен мировен договор, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за медиумот Аксиос. Зеленски откри дека американските пратеници му пренеле подготвеност на Кремљ за разговор, додека Вашингтон се обидува да искористи дипломатски прозорец пред изборите за Конгресот на САД.

Специјалните американски пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер во неделата остварија средба со Зеленски во украинскиот главен град. Ова претставува нивна прва посета на Украина од почетокот на вториот претседателски мандат на Доналд Трамп. Патувањето во Киев следеше веднаш по нивната тричасовна средба со рускиот претседател Владимир Путин во Кремљ.

Зеленски соопшти дека пратениците донеле јасна порака: руската страна покажува подготвеност за преговарачки процес. И покрај таквите дипломатски сигнали, украинскиот претседател задржува доза на скептицизам поради интензивните воени операции на фронтот.

Украинскиот лидер оцени дека претстојните недели носат редок дипломатски простор. Иако постои проценка дека Москва смета на суровите зимски услови за да ја ослабне одбраната на Украина, Путин истовремено настојува да ги одржи стабилни односите со Белата куќа во чувствителен политички период за Вашингтон.

„Имам чувство дека на Путин му треба Трамп. Не сака да го вознемири“, изјави Зеленски, додавајќи дека американската администрација располага со лостови за притисок врз Москва за деескалација, дури и доколку Кремљ нема целосна волја за тоа. На директно прашање дали Путин би сакал да му овозможи дипломатски поен на Трамп пред претстојните избори за американскиот Конгрес, украинскиот претседател кратко одговори: „Да“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс