Националниот џез оркестар со добитникот на „Греми“ Дан Пугач во Скопје

Современиот њујоршки џез на 7 октомври во Националната опера и балет, со специјалните гости Никол Зураитис и Џонатан Сарага

Националниот џез оркестар на 7 октомври ја отвора новата концертна сезона со ексклузивен концерт со американскиот џез-автор, композитор, аранжер и тапанар Дан Пугач, добитник на престижната награда „Греми“. Под диригентската палка на Џијан Емин, оркестарот ќе ја претстави музиката на Пугач, кој во 2025 година ја освои наградата „Греми“ за Best Large Jazz Ensemble Album за албумот „Bianca Reimagined: Music for Paws and Persistence“.

На концертот во Скопје ќе настапат и специјалните гости Никол Зураитис, вокал, и Џонатан Сарага, труба.

Зураитис е вокалистка, пијанистка и аранжерка, како и долгогодишна соработничка на Пугач. Во 2024 година таа освои „Греми“ за Best Jazz Vocal Album за албумот „How Love Begins“.

Сарага е трубач и композитор, познат по соработките со реномирани џез-ансамбли, меѓу кои Maria Schneider Jazz Orchestra, Mingus Big Band, Miguel Zenón Big Band, Afro-Latin Jazz Orchestra и John Pizzarelli Big Band.

Музика од наградениот албум

Во Скопје, Дан Пугач ќе ја претстави музиката од наградениот албум „Bianca Reimagined: Music for Paws and Persistence“. Покрај неговите авторски композиции, публиката ќе има можност да слушне и современи аранжмани на познати песни од американската џез-традиција.

Концертот ќе се одржи на 7 октомври 2026 година, со почеток во 20 часот, во Националната опера и балет.

Билетите може да се набават онлајн преку MKTickets и на нивните продажни места. Билетите со 50 отсто попуст за студенти и пензионери ќе бидат достапни на денот на концертот, еден час пред почетокот, на билетарницата на Националната опера и балет, со приложување соодветен документ.

Билети може однапред да се резервираат и на info@jazzorchestra.mk.

Концертот ветува средба со современиот звук на њујоршката џез-сцена, претставен во изведба на Националниот џез оркестар и гостите Дан Пугач, Никол Зураитис и Џонатан Сарага.

е-Трн да боцка во твојот инбокс