Земјотрес со магнитуда од 4,3 степени според Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар утрово ја погоди Албанија, а беше силно почувствуван во југозападните делови на земјава, особено во Охрид, Струга и околните населени места. Жителите во поширокиот регион на Охридското Езеро пријавија тресење кое ги разбудило во раните утрински часови.
Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје регистрираше земјотрес во 05:40 часот со магнитуда од 3,9 степени според Рихтеровата скала. Според домашните сеизмолози, интензитетот на потресот изнесувал четири степени според Европската макросеизмичка скала.
Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (ЕМСЦ) објави повисока јачина од 4,3 степени според Рихтер.
Според податоците на ЕМСЦ, жариштето на потресот се наоѓало на околу 13 километри југоисточно од Поградец, Албанија. Хипоцентарот бил на длабочина од десет километри под површината на земјата.
Близината на епицентарот до Охридското Езеро предизвика бранот директно да се пренесе кон пограничните македонски градови, каде што граѓаните на социјалните мрежи сведочат за краткотрајно, но силно лулање.