31 година од Пекиншката конференција за жените – темел за родовата еднаквост

На конференцијата во Пекинг учествуваа над 17.000 луѓе од 189 земји и територии, а нејзините заклучоци и денес се дел од основата на политиките за родова еднаквост во Северна Македонија

Четвртата светска конференција за жените се одржала во Пекинг, Кина, од 4 до 15 септември 1995 година. На конференцијата присуствувале над 17.000 учесници, меѓу кои околу 6.000 владини делегати и повеќе од 4.000 претставници на невладини организации од 189 земји и територии. Конференцијата резултирала со усвојување на Пекиншката декларација и Платформата за акција, два документи кои и денес се сметаат за важна основа на глобалните и националните политики за унапредување на родовата еднаквост.

Четврта во низата светски конференции

Конференцијата во Пекинг била четврта и најзначајна во низата светски конференции за жените, одржани во периодот од 1975 до 1995 година. Таа се надоврзала на политичките договори постигнати на претходните три конференции и ги обединила дотогашните правни и политички достигнувања насочени кон обезбедување еднаквост меѓу жените и мажите, како во законодавството така и во практиката.

Отворањето се одржало попладнето на 4 септември во Пекиншкиот меѓународен конгресен центар. Кина, како домаќин на конференцијата, организирала и свечена церемонија за добредојде во Големата сала на народот, на која присуствувале околу 10.000 луѓе.

Пекиншка декларација и Платформа за акција

За време на конференцијата, делегатите ги усвоиле Пекиншката декларација и Платформата за акција, два клучни документа со кои биле утврдени стратешки цели и обврски за владите, како и насоки за работата на регионалните и меѓународните институции.

Меѓу значајните области опфатени со Платформата била и потребата од систематско собирање статистички податоци поделени според пол. Причината била јасна – без вакви податоци тешко можело прецизно да се утврдат природата, обемот и последиците од родовите нееднаквости.

Паралелно со официјалната конференција, во Хуаjроу, во близина на Пекинг, се одржал и Форумот на невладините организации. На него учествувале околу 30.000 активисти и активистки од целиот свет, што го претворило форумот во едно од најголемите собири на граѓанското општество посветени на правата на жените.

Платформата за акција идентификувала 12 критични области на загриженост, меѓу кои сиромаштијата кај жените, образованието, здравството, насилството врз жените, вооружените конфликти, економијата, учеството во донесувањето одлуки, институционалните механизми за унапредување на положбата на жените и човековите права на жените.

Пекиншката декларација како дел од македонските политики

Македонија ги поддржува принципите на Пекиншката декларација и Платформата за акција, кои со текот на времето станаа важна референтна рамка за развојот на политиките за родова еднаквост во земјата. Во годините што следувале, земјата пристапила кон Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените (CEDAW) и го прифатила и Факултативниот протокол кон неа, кој за Македонија стапил во сила во 2003 година.

Постепено биле воспоставувани и институционални механизми за унапредување на родовата еднаквост, меѓу кои и одделение надлежно за оваа област во рамките на Министерството за труд и социјална политика.

Пекиншката конференција останува еден од најзначајните меѓународни настани во историјата на борбата за еднакви права на жените. Три децении подоцна, нејзината Платформа за акција и натаму претставува важна рамка за проценка на напредокот, но и за препознавање на предизвиците што остануваат во остварувањето на целосна родова еднаквост.

е-Трн да боцка во твојот инбокс