30 години од геноцидот во Сребреница, градот што кој требаше да биде безбеден стана масовна гробница

На 11 јули 1995 година, армијата на Република Српска ја зазеде Сребреница, заштитена зона на ОН. Во деновите кои следеа, биле систематски убиени најмалку 8.372 бошњачки мажи и момчиња. Ова е еден од најголемите масакри во Европа по Втората светска војна и единствениот случај кој двата главни меѓународни судови го прогласиле за геноцид.

Сребреница требаше да биде безбедна. Советот за безбедност на ОН со Резолуцијата 819 од 1993 година ја прогласил за „заштитена зона“. Мал и слабо вооружен контингент на холандски мировни сили под знамето на ОН имал задача да ја штити. На 11 јули 1995 година, армијата на Република Српска, под команда на генерал Ратко Младиќ, ја зазела без поголем отпор. Холандскиот контингент не можел да ги запре.

Во следните денови, српските сили ги разделувале мажите и момчињата од жените и децата, ги товарале во автобуси и систематски ги ликвидирале. Најмалку 8.372 Бошњаци биле убиени, а 20.000 луѓе биле протерани од градот. Геноцидот во Сребреница е признат како најголема еднократна злосторба на европско тло по Втората светска војна.

Два меѓународни суда, еден заклучок

Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) ги осудил главните извршители. Радован Караџиќ, претседател на Република Српска, добил доживотна казна затвор во 2019 година по осуда за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства. Ратко Младиќ, воен командант, во 2017 година бил осуден на доживотна казна затвор за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства, вклучувајќи ги масакрот во Сребреница и опсадата на Сараево.

Меѓународниот суд на правдата (МСП) во 2007 година го признал масакрот во Сребреница како акт на геноцид, првпат во историјата МСП официјално да квалификува некој настан на тој начин.

ОН: Резолуцијата која подели 171 земја

На 23 мај 2024 година, Генералното собрание на ОН ја донело Резолуцијата 78/282, со која 11 јули е прогласен за Меѓународен ден на размислување и одбележување на геноцидот во Сребреница од 1995 година. Резолуцијата ја предложиле Германија и Руанда, а ја Поддржале над 30 земји, вклучувајќи ги сите поранешни југословенски републики освен Србија и Црна Гора.

Гласањето покажа длабоки поделби: 84 земји гласале за, 19 против и 68 биле воздржани. Три од петте постојани членки на Советот за безбедност, Соединетите Американски Држави, Велика Британија и Франција, гласале за, додека Русија и Кина гласале против.

Резолуцијата ја осудува секоја негација на геноцидот во Сребреница како историски факт и ги повикува државите-членки да ги зачуваат утврдените факти, вклучително и преку образовните системи.

Сребреница денес: 30 години, 8.000 гробови, отпор кон признавањето

Триесет години по геноцидот, телата на жртвите сè уште се идентификуваат. Форензичките истражувања на масовните гробници продолжиле со децении, убијците ги преместувале телата неколкупати за да ги прикријат трагите. Меморијалот и гробиштата во Поточари, непосредно до Сребреница, денес се место на годишна комеморација на 11 јули.

Волкер Турк, Високиот комесар на ОН за човекови права, ја поздравил резолуцијата, нагласувајќи ја нејзината особена важност „поради постојаниот ревизионизам, негирањето на геноцидот во Сребреница и говорот на омраза од страна на врвни политички лидери во Босна и Херцеговина, како и во соседните земји“.

Сребреница не е само историски датум. Таа е мерка за тоа колку далеку сме стигнале или не сме стигнале во спречувањето на следниот геноцид.

е-Трн да боцка во твојот инбокс