Погубен мажот осуден за убиството на продуцентот на „3 Body Problem“

Во Кина е погубен Сју Јао, осуден за труење и убиство на Лин Чи, гејминг претприемач и извршен продуцент на серијата „3 Body Problem“.

Во Кина е погубен Сју Јао, мажот осуден за труење и убиство на својот соработник, милијардерот и гејминг претприемач Лин Чи, кој беше поврзан со адаптацијата на популарната научно-фантастична трилогија „3 Body Problem“.

Според локалните медиуми, Сју го отрул Лин во 2020 година поради деловен конфликт и незадоволство од неговата позиција во компанијата. Лин бил основач на „Јузу гејмс“, компанија што ги поседуваше правата за адаптација на кинескиот серијал „3 Body Problem“.

Во 2018 година, Лин го назначил Сју да ја води подружницата задолжена за проекти поврзани со франшизата. Но, во 2020 година меѓу нив дошло до конфликт, откако Лин одлучил други директори да ги преземат деловните операции, иако Сју имал улога во договорот со „Нетфликс“.

Според судските документи, Сју потоа подготвил план што судот го опишал како „исклучително грозоморен“. Смртоносните супстанции ги прикрил како пробиотски пилули и му ги дал на Лин.

Во декември 2020 година, Лин почнал да се чувствува лошо и бил примен во болница, каде починал девет дена подоцна, на 39-годишна возраст. Во тоа време неговото богатство се проценувало на околу 6,8 милијарди јуани.

Полицијата го уапсила Сју неколку дена по хоспитализацијата на Лин.

Смртта на Лин ја потресе гејминг-индустријата во Кина и пошироко. Неговата компанија, со седиште во Шангај, е позната и по стратегиската игра „Game of Thrones: Winter Is Coming“.

Адаптацијата на „3 Body Problem“ на „Нетфликс“ во 2024 година брзо стана една од најгледаните серии на платформата, а Лин постхумно беше наведен како еден од извршните продуценти.

Сју истата година беше осуден за убиството на Лин. Неговото погубување, кое се случило на 21 мај, го потврди компанијата „Јузу“, наведувајќи дека „правдата конечно е задоволена“.

„Длабоко жалиме за загубата на господинот Лин и изразуваме искрено сочувство до неговото семејство. Како колеги што заедно се бореа со него, сите членови на компанијата се благодарни за праведноста на судската постапка“, се наведува во соопштението.

Освен смртта на Лин, планот за труење предизвикал здравствени последици и кај неколку други лица. Кинескиот весник „Економик обсервер“ објави дека една од жртвите на Сју на социјалните мрежи напишала: „Правдата доаѓа на крај, дури и кога доцни“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс