Никола Тесла бил еден од најголемите изумители, визионер кој е најпознат по неговите придонеси во дизајнирањето на современите системи за напојување со наизменична струја и по Теслиниот калем. За време на својот живот има преку 300 патенти во целиот свет за своите пронајдоци. Бил почесен доктор на петнаесет универзитети во Европа и во Америка.
Но Тесла не бил само изумител, тој бил и феномен на живата меморија. Не правел цртежи и нацрти за своите пронајдоци однапред: ги конструирал целосно во главата, со сите детали. „Кога ги создавам своите откритија, никогаш не брзам” — велел тој. „Чекам додека идејата не е целосно оформена во умот, потоа ги ставам на хартија пронајдоците онака, какви што се.” Неговите современици опишувале дека поседувал фотографска меморија и можел да рецитира цели книги години по нивното читање.
Никола Тесла е роден како етнички Србин во селото Смиљан, во рамките на Воената граница, во Австриската империја. Неговиот татко, Милутин Тесла бил свештеник на Источната православна црква. Тесла подоцна добива американско државјанство и станува граѓанин на САД.

Никола Тесла остана запаментен по своите револуционерни откритија во областа на електромагнетизмот кон крајот на XIX и почетокот на XX век. Патентите на Тесла и неговата теориска работа стануваат основа за формирањето на целокупниот систем на наизменичната струја, вклучувајќи го и конструирањето на полифазните системи (поточно трофазните), како и на индукциониот мотор, со кој се претвора во предводник на Втората индустриска револуција.
По неговата демонстрација на безжичната комуникација (радиото) во 1893 година и откако е прогласен за неспорен победник во „Војната на струите“, тој станува најпочитуваниот и најголемиот американски и светски научник.
Оваа „Војна на струите” не остала само во лабораториите. Едисон, свесен дека е во технолошки поразена позиција, се упатил на медиумска кампања: поддржувачите на неговиот систем јавно убивале животни со наизменична струја, кучиња, коњи, за да ја докажат нејзината „опасност” пред новинарите. Кулминацијата дошла на Светскиот саем во Чикаго во 1893 година, кога Тесла и Вестингхаус го добиле договорот за осветлување на целиот саем 90.000 светилки со наизменична струја. Едисон изгубил.
Голем дел од неговата најрана работа ќе стане основа за модерното инженерство, а многу од неговите откритија се од непроценлива важност за развитокот на модерната цивилизација. Во текот на овој период, во САД, славата на Тесла била споредлива само со онаа на најголемите научници во историјата или ѕвездите на популарната култура.
Покрај неговата работа во областа на електромагнетизмот и инженерството, генераторите, Тесла остава свој печат и во областа на роботиката, конструирањето на далечинскиот управувач и радарот, како и во развивањето на компјутерската наука, балистиката, јадрената и теориската физика. Во 1943 година, Врховниот Суд на САД го прогласи Тесла за единствен пронаоѓач на радиото. Многу од неговите откритија се искористени, дел со примеси на контроверзија, за да поддржат теории во областа на псевдонауките, НЛО потрагите, како и на полето на окултизмот. Современите проучувачи на ликот и делото на Тесла го нарекуваат “човекот што го измисли дваесеттиот век” и “светецот-заштитник на модерниот електрицитет“.

Теслин живот бил исто толку интересен колку и неговите пронајдоци. Страдал од опсесивно-компулсивно растројство и страв од микроби, јадел сам, бришел сè со осумнаесет крпи пред да јаде, ги броел чекорите при прошетките и влегувал во секоја зграда трипати пред да влезе конечно. Живеел исклучиво во хотелски соби чии броеви биле деливи со три вклучувајќи ја и последната, собата 3327 во хотелот „Норкер“. Одбивал разговор со жени кои носеле обетки или бисери. Никогаш не се оженил, верувајќи дека целибатот ја зачувува „енергијата на генијалноста“. „Не мислам дека можете да именувате многу важни пронајдоци направени од оженети мажи“, рекол тој.
Неговата единствена вистинска страст надвор од науката биле гулабите. Со децении ги хранел во паркот Брајант во Менхетен, издвојувајќи и до 2.000 долари (речиси 38.000 денешни долари) за лекување на еден ранет бел гулаб.
Трошејќи поголем дел од своите пари, Тесла живеел во разни хотели во Њујорк. На 7 јануари 1943 година, на 86-годишна возраст, починал сам во собата 3327 од хотелот Њујоркер.
По неговата смрт, американската влада, преку Канцеларијата за имот на странци веднаш ги запленила сите негови документи, бидејќи Тесла бил роден надвор од САД, а воената паника во 1943 година била на врвот. ФБИ ги истражувал документите, особено барајќи информации за „смртоносниот зрак“ за кој Тесла тврдел дека може да уништи 10.000 авиони на растојание од 400 километри.
Документите ги прегледал Џон Г. Трамп физичар и вујко на идниот претседател Доналд Трамп. Во неговиот извештај заклучил дека нема докази за реалното постоење на оружјето. Но, 60 куфери со имот стигнале во Белград, помалку од 80-те регистрирани на местото на смртта.
На 10 јануари 1943 година, градоначалникот на Њујорк, Фиорело Ла Гвардија, прочитал проштален говор, напишана од словенечко-американскиот автор Луис Адамиќ, во живо, преку радио, додека во заднина се слушале виолински сегменти од Аве Марија и Тамо далеко. На 12 јануари, две илјади лица присуствувале на државниот погреб за Тесла во Соборниот храм Свети Јован Богослов во Менхетен. По погребот, телото на Тесла било однесено на гробиштата Фернклиф во Ардсли, Њујорк, каде што подоцна било кремирано.

Во 1952 година, под притисок на внукот од сестра на Тесла, Сава Косановиќ (кој бил југословенски дипломат во Вашингтон по Втората светска војна), целиот имот на Тесла бил испратен во Белград. Во 1957 година, била транспортирана и урната со пепелта на Тесла, од САД во Белград. Пепелта е сместена во позлатена сфера, на мермерен постамент во Mузејот Никола Тесла во Белград.
Делото на Тесла паднало во релативен заборав по неговата смрт, сè до 1960 година, кога Генералната конференција за тежини и мерки ја именувала SI единицата за густина на магнетниот флукс Тесла, во негова чест.
Иако бил номиниран за Нобелова награда, никогаш не го добил ова големо признание.
Тесла се почитува и слави и во Хрватска и во Србија, а исто така и во неговиот трет дом – САД.