Најмалку 15 лица се повредени, меѓу нив и две деца, откако трамвај излета од шините во центарот на Белград и удри во фасада и излог на објект во улицата „Книќанинова“. Од ГСП Белград соопштија дека првичните индиции укажуваат дека причина за несреќата најверојатно бил човечки фактор – неприлагодена брзина при минување низ свртница и непроверување на нејзината положба.
Според информациите на српските медиуми, две лица, едно на 20 и едно на 60 години се здобиле со потешки повреди, но се надвор од животна опасност. Повредени се и уште 13 патници, како и возачката на трамвајот.
Трамвајот удрил во објект
Несреќата се случила во претпладневните часови на аголот меѓу улиците „Цар Душан“ и „Книќанинова“, кога трамвај од линијата број 5, кој се движел кон Калемегдан, излетал од шините. По излетувањето, трамвајот удрил во излог и фасада на објект покрај улицата. Сведоци велат дека вистинска среќа е што во моментот на ударот немало пешаци на тротоарот ниту луѓе во објектот.
Истрага за причините
Поранешниот технички директор на ГСП за електроподсистеми, Душан Савковиќ, изјави дека специјална комисија ќе ги испитува сите околности околу инцидентот.Според него, правилникот налага трамваите да минуваат низ свртници со брзина од максимум 10 километри на час, а возачот мора да провери дали свртницата е поставена во правилна насока.
„Вакви ситуации не би смееле да се случуваат доколку сите ја вршат својата работа и ако свртницата и сигнализацијата се исправни“, изјави Савковиќ.
Проблематична локација и стар трамвај
Тој посочи дека ова не е прв инцидент на истото место и дека таму и претходно имало излетувања на трамваи од шините. Според него, делницата ретко се користи бидејќи служи како влез кон депото на Дорќол, каде трамваите се испраќаат на поправка. Во несреќата учествувал стар чешки модел на трамвај кој сообраќа по улиците на Белград повеќе од 40 години.
„Неговиот работен век е 30 години, но благодарение на одржувањето сè уште функционираат“, рече Савковиќ, додавајќи дека по оваа хаварија трамвајот веројатно повеќе нема да може да биде вратен во сообраќај.
Основното јавно обвинителство во Белград веќе наредило истрага за несреќата.