Во изминатите два дена, на 9 и 10 мај, полицијата издала вкупно 1433 платни налози во рамки на редовните сообраќајни контроли што се спроведуваат на патиштата низ државата, информира МВР.
Најголем дел од прекршоците се однесуваат на брзо возење. Според податоците, 861 возач бил санкциониран затоа што не ја почитувал пропишаната брзина на движење.
За безобѕирно управување со возило биле лишени од слобода 21 лице. Од нив, петмина биле затекнати како возат под дејство на алкохол, 11 управувале возило без возачка дозвола, а петмина возеле и покрај претходно изречена забрана за управување.
Во истиот период биле одземени и седум возила согласно член 300-б од Кривичниот законик. Полицијата евидентирала и 176 прекршоци за неправилно паркирање, како и 45 санкции за возење под дејство на алкохол.
Санкционирани биле и 15 мотоциклисти поради неносење заштитен шлем, девет пешаци, како и 75 учесници во сообраќајот кои не користеле сигурносен појас. Од сообраќај биле отстранети 11 нерегистрирани возила и едно технички неисправно возило, а казнети биле и двајца возачи поради непрописно затемнети стакла.
Од МВР најавуваат дека сообраќајните контроли ќе продолжат и во наредните денови и апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и да придонесат за побезбедни патишта.