12,5 трилиони тони мраз исчезнале за 45 години: Гренланд и Антарктикот го креваат нивото на морето

Научниците регистрираат забрзување на губењето мраз, особено по 2010 година, а околу 84 отсто од загубата е поврзана со истекувањето на мразот во океаните


Гренланд и Антарктикот од 1979 година изгубиле околу 12,5 трилиони тони мраз, што придонело глобалното ниво на морето да се зголеми за околу 3,2 сантиметри. Новата анализа на повеќедецениски сателитски мерења покажува дека губењето на мразот значително се забрзало во последните децении.

Истражувањето, објавено во научното списание „Scientific Data“, ги обединува податоците собрани со сателити во период од повеќе од четири децении. За Антарктикот се користени мерења од 1979 година, додека податоците за Гренланд опфаќаат уште подолг период, почнувајќи од 1972 година. Анализата покажува дека ледените покривки биле релативно стабилни во 1970-тите, 1980-тите и во првата половина на 1990-тите. Потоа трендот се менува, а најизразено забрзување на губењето мраз е забележано во периодот од 2010 до 2020 година.

„Постои јасен тренд на губење маса од ледените покривки, кој се зголемува од деценија во деценија“, вели Инес Отосака, експертка за мраз од Универзитетот Нортамбрија. Според истражувачите, околу 84 отсто од вкупната загуба на мраз се должи на зголеменото истекување на мразот во океаните, додека останатите 16 отсто се поврзани со процеси што се одвиваат на површината на ледените покривки.

Потоплите океани го забрзуваат топењето

Еден од клучните механизми е загревањето на океаните. Потоплата морска вода може да го топи мразот од долната страна и по рабовите на глечерите, со што тие побрзо се движат кон морето. Овој процес е особено видлив на Гренланд. Според истражувањето, глечерот Јакобсхавн во одредени периоди се повлекува со брзина до 50 метри дневно.

Губењето на мразот од Гренланд и Антарктикот веќе има мерлив ефект врз глобалното ниво на морето. Од 1979 година, топењето придонело за негово зголемување за околу 3,2 сантиметри. Научниците предупредуваат дека и навидум малото зголемување на нивото на морето може да има сериозни последици за крајбрежните подрачја. Според проценките цитирани во истражувањето, секој дополнителен сантиметар би можел да значи изложеност на уште два до три милиони луѓе на годишни крајбрежни поплави.

Интересно е што губењето мраз привремено забавило меѓу 2020 и 2023 година. Истражувачите, сепак, нагласуваат дека тоа не е доказ дека долгорочниот тренд е променет. Забавувањето го поврзуваат со краткорочни временски услови. Ледените покривки реагираат бавно на климатските промени, што значи дека последиците од денешното затоплување можат да се чувствуваат со децении. Дури и доколку глобалното затоплување биде ставено под контрола, топењето на огромните ледени маси може да продолжи одреден период.

Новите податоци така покажуваат дека промените на Гренланд и Антарктикот не се само далечен феномен на поларниот север и југ. Загубата на нивниот мраз директно се поврзува со промените на нивото на морето ширум планетата.


е-Трн да боцка во твојот инбокс