На 18 август 1903 година, само шест дена по падот на Крушевската Република, роден е Никола Мартиноски, еден од најважните сликари и основачи на македонската современа уметност. Неговиот пат од студиите во Букурешт и Париз до формирањето на клучните национални институции го постави европскиот модернизам во темелите на македонската култура.
Мартиноски го започна своето академско образование на Школата за убави уметности во Букурешт, каде што дипломираше во 1927 година како најдобар студент во класата. Иако Букурешт му ја даде цврстата цртачка база и анатомската прецизност, вистинскиот уметнички пресврт се случи со неговиот престој во Париз во 1927 и 1928 година.

Таму тој посетуваше две познати приватни школи: Академи де ла Гранд Шомјер и Академи Рансон. Во слободната атмосфера на парискиот Монпарнас, Мартиноски се запозна со боемскиот експресионизам и делата на уметници како Амедео Модиљани, Жил Пасцин и Хаим Сутин. Од париските академии тој не усвои само слобода на потегот, туку и специфичен однос кон човечката фигура каде што линијата станува главен носител на психолошката драма.
По враќањето од Париз, Мартиноски го примени тој боемски експресионизам врз локалниот крушевски и македонски амбиент. Така настана неговиот најпознат и нај препознатлив уметнички циклус посветен на мајчинството, популарно познат како „крушевските доилки“.
Овие дела не претставуваат идиличен или академизиран приказ на мајката. Мартиноски ги прикажа доилките и ромските мајки со силен експресионистички полнеж, деформирани аглести линии, издолжени екстремитети и нагласени гради. Преку овие мотиви тој спои две реалности: европската експресионистичка графика и суровата социјална реалност на крушевската традиција и сиромаштија. Ликовите на мајките зрачат со интимност, но и со сурова социјална драма и достоинство што стана негов ликовен печат.
Во период кога во локалната средина доминираше конзервативен академизам и класичен реализам, Мартиноски го направи првиот радикален раскин. Неговите дела од доцните дваесетти и триесетти години донесоа интензивен колорит, фовистичка смелост и еротски набој кој дотогаш беше непознат во македонското сликарство. Тој ги ослободи формите од академизмот и покажа дека македонскиот мотив може да се третира со јазикот на париската авангарда.
По завршувањето на Втората светска војна, Мартиноски го насочи својот уметнички авторитет кон градење на институционалниот систем. Тој беше иницијатор и прв директор на Уметничката школа во Скопје (денешното Средно уметничко училиште „Лазар Личеноски“).
Исто така, тој беше меѓу клучните основачи на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) и прв директор на Уметничката галерија во Скопје, сместена во објектот Даут-пашин амам (денешна Национална галерија). Со формирањето на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) во 1967 година, Мартиноски беше избран за еден од нејзините први редовни членови.
Творечката еволуција на Мартиноски продолжи и во подоцнежните децении. По скопскиот земјотрес во 1963 година, тој создаде драматичен циклус на цртежи со креда и фломастер, во кои ја прикажа хуманата трагедија и страдењето на градот преку испрекршени, експресивни линии. Во шеесеттите години експериментираше и со техниката масло на стакло, создавајќи композиции каде што светлината и бојата добиваат дополнителна звучност.
Пред својата смрт во 1973 година, Мартиноски на родното Крушево му подари збирка од 62 дела. Овие слики, цртежи и графики се изложени во автентичниот амбиент на куќата на Мартиноски, која денес функционира како спомен-галерија. Оваа збирка ги содржи сите фази од неговиот развој, почнувајќи од раните париски цртежи, преку култните „доилки“, сè до неговите доцни автопортрети.