Холивудскиот глумец Џони Деп е во преговори со продуцентите за повторно да го глуми познатиот пиратски капетан Џек Спароу во новиот, шести продолжеток на филмската франшиза „Пиратите од Карибите“. Познатиот продуцент Џери Брукхајмер потврди дека тимот интензивно работи на сценариото и дека се во постојан контакт со Деп за неговото враќање на филмското платно, девет години по неговото последно појавување во оваа улога.
„Разговараме со Џони. Работиме на сценариото и се надеваме дека ќе успееме да го реализираме филмот“, изјави Брукхајмер.
Последен пат Деп го облече костимот 2017 година во остварувањето „Одмаздата на Салазар“ (Dead Men Tell No Tales). Оттогаш, франшизата се соочуваше со неизвесност околу идното насочување, а заплетот за следното продолжение сè уште се чува во тајност.
Првиот филм од серијалот, „Проклетството на Црниот бисер“, премиерно се прикажа во 2003 година. Улогата на ексцентричниот пират склон кон рум брзо го претвори Деп во една од најголемите светски филмски ѕвезди на деценијата.
Актерот во повеќе наврати откри дека како главна инспирација за создавање на ликот му послужил познатиот гитарист на „Ролингстонс“, Кит Ричардс, комбиниран со елементи од цртаниот лик Пепе ле Пу. По успехот на првиот дел, Деп ја предводеше филмската екипа и во следните продолженија од 2006, 2007, 2011 и 2017 година.