123 години од Илинден

На 2 август 1903 година започна Илинденското востание. Крушевската Република, неговиот најпознат симбол, постоеше само десет дена, но остана еден од најтрајните белези во македонската историја.

На 2 август 1903 година, на големиот христијански празник Илинден, започна најзначајниот чин на македонското националноослободително движење, Илинденското востание против османлиската власт. Одлуката за неговото кревање беше донесена на Смилевскиот конгрес истото лето, а борбите постепено се проширија во повеќе делови на Македонија и траеја до крајот на 1903 година. Неговиот најпознат симбол, Крушевската Република, постоеше само десет дена, но токму таа кратка епизода остана најсилниот и најромантизираниот момент во колективната меморија.

Планот донесен во тајност

Одлуката востанието да започне токму на Илинден беше донесена на Смилевскиот конгрес на Битолскиот револуционерен округ, одржан во летото 1903 година. Востанието беше подготвувано од Тајната македонско-одринска револуционерна организација, чии членови со месеци собираа оружје, ги подготвуваа селата и ги организираа четите на терен.

Со почетокот на востанието беа зафатени повеќе револуционерни окрузи низ Македонија, но најголем успех и најсилен интензитет на борбите беа постигнати во Битолскиот револуционерен округ, особено во реонот на Крушево.

Десетте дена на Крушевската Република

Ноќта меѓу 2 и 3 август 1903 година, околу 750 востаници, предводени од Никола Карев, го нападнаа и го ослободија Крушево. Веднаш потоа беше воспоставена востаничка власт организирана врз демократски начела – Совет на месната револуционерна власт со 60 членови, рамномерно распределени меѓу трите најбројни заедници во градот– македонската, влашката и грчката.

Карев, како началник на Горското началство, раководеше со воените операции, а во историската традиција најчесто се смета за претседател на Крушевската Република, иако формално не извршувал цивилна функција. Нему му се припишува и авторството на Крушевскиот манифест, со кој се повикувале сите жители на Македонија, без разлика на вера и етничка припадност, да се приклучат кон борбата за слобода.

Републиката, сепак, траеше само десет дена од 3 до 13 август 1903 година. Османлиските власти, изненадени од размерите на востанието, испратија околу 20.000 војници, поддржани со артилерија и нередовни единици, против приближно 1.200 бранители на Крушево. По неколкудневни жестоки борби, најсилниот отпор беше даден кај Мечкин Камен, каде што помалубројна група востаници, предводена од војводата Питу Гули, херојски загина бранејќи ги пристапите кон градот. По падот на отпорот, Крушево беше ограбено и запалено, а голем дел од населението се засолни во околните планини.

Цената на поразот

Иако Крушевската Република падна по само десет дена, востанието продолжи во повеќе региони на Македонија уште неколку месеци, сè до неговото задушување кон крајот на 1903 година. Причината беше огромната нерамнотежа во силите, според историските анализи, во одделни реони соодносот достигнувал и еден востаник наспроти 25 османлиски војници.

Последиците беа драматични. Според историските извори, беа запалени 122 села и уништени 8.646 куќи, без дом останаа 51.606 жители, а животот го загубија 1.779 луѓе.

Наследство поголемо од исходот

Иако воено заврши со пораз, Илинденското востание остави наследство што далеку го надмина неговиот непосреден исход. Идејата за Крушевската Република, демократски организирана власт со учество на повеќе етнички заедници во услови на османлиско владеење, остана траен симбол на државотворните стремежи на македонскиот народ.

Токму затоа, 41 година подоцна, на истиот датум 2 август беше одржано и Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, со што симболиката на Илинден доби ново историско значење и директно се поврза со создавањето на современата македонска држава.

е-Трн да боцка во твојот инбокс