Аструд Жилберто, чијашто сонлива интерпретација на „Девојката од Ипанема“ стана најпопуларна верзија на песната, почина на 83-годишна возраст. Пол Ричи, соработник на Жилберто, ја потврди веста на социјалните мрежи. „Таа беше важен дел од сета бразилска музика во светот и промени многу животи со својата енергија“, додаде тој.
Родена во 1940 година во бразилската држава Баија и израсната во Рио де Жанеиро, Аструд Вајнерт се омажи за музичарот Жоао Жилберто во 1959 година. Во 1963 година, таа го придружуваше на едно патување во Њујорк каде што тој снимаше со џез-уметникот Стен Гец и бразилската боса нова ѕвезда Антонио Карлос Жобим. Продуцентот на сесијата сакаше пејачка на англиски јазик да ѝ помогне на „Девојката од Ипанема“ да премине кај публиката во САД, а Аструд – која немаше претходно искуство со снимање – беше единствената личност што знаеше англиски.
Оригиналната верзија беше дует со нејзиниот сопруг – Аструд не беше ни запишана како пејачка на снимката, не доби од правата и доби само мал хонорар како учесник во сесијата за снимање. Но, откако „Девојката од Ипанема“ беше репродуцирана без вокалите на португалски јазик на Жоао како соло сингл, стана огромен хит во 1964 година, достигнувајќи ги Топ 5 во САД и Топ 30 во Велика Британија. Ја освои наградата Греми за песна на годината , а Жилберто исто така беше номинирана за најдобра вокална изведба од жена. Таа година, таа и Жоао се разведоа и таа тргна на турнеја низ САД со Гец и неговиот бенд, искуство кое подоцна го опиша како „многу тешко време … да се биде среде разделба, да се завршуваат одговорностите да се биде самохрана мајка и да започнуваш нова кариера“.
„Девојката од Ипанема“ беше нејзиниот единствен голем хит. Песната повторно се врати на врвовите на топ-листите во Обединетото Кралство во 1984 година со враќањето на боса новата, популаризирана од Everything But the Girl, Sade и други.
Извор: The Guardian