Јадењето слатки и пиењето засладени пијалаци додека трае терапија со антибиотици директно го намалува биодиверзитетот на корисните бактерии во цревата и создава простор за развој на опасни микроорганизми отпорни на лекови. Ова го потврдува меѓународна научна студија објавена во списанието Nature, предводена од тимот на њујоршкиот медицински центар NYU Langone Health. Научниците предупредуваат дека шеќерот делува како гориво за патогени бактерии токму кога лековите ја намалуваат природната одбрана на организмот.
Истражувачкиот тим детаљно следел повеќе од 9.000 стандардизирани болнички оброци кај 173 хоспитализирани пациенти кои примале високи дози антибиотици по трансплантација на матични клетки. За разлика од претходни студии каде испитаниците сами проценуваат што изеле, овде секој грам храна бил строго измерен пред споредбата со лабораториските анализи на нивната цревна флора.
Податоците покажаа прецизна зависност: секои дополнителни 100 грама шеќер внесени во рок од два дена пред тестирањето значат 24 отсто поголемо губење на бактериската разновидност во цревата. Таа количина одговара на приближно две и пол лименки засладен газиран пијалак. Кај пациентите кои не јаделе благо додека пиеле лекови, цревниот микробиом претрпел значително помали оштетувања.
Особено загрижувачки наод е експлозивниот раст на бактериите од родот Enterococcus кај оние што земале слатки производи. Станува збор за соеви познати по нивната отпорност на широк спектар медикаменти, кои во болнички услови предизвикуваат тешки системски инфекции, го продолжуваат болничкото лекување и ја зголемуваат смртноста.
Микробиологот Џонас Шлутер од центарот NYU Langone Health го споредува процесот со еколошка катастрофа во организмот. Кога антибиотикот уништува голем дел од чувствителните бактерии, во цревата настанува празен простор. Доколку во тој момент преживеаните отпорни бактерии добијат прост шеќер како лесно достапен извор на енергија, тие доживуваат брза доминација. Тоа наликува на гаснење на шумски пожар со долевање бензин, посочува авторот на студијата.
Лабораториските тестови врз глувци со исхрана богата со сахароза ги потврдија истите исходи. По само една доза антибиотик, глувците хранети со шеќер имале значително поголема концентрација на патогени ентерококи во споредба со контролната група на вообичаена исхрана.
Научниците препорачуваат за време на секоја терапија внесот на додадени шеќери строго да се сведе на минимум. Фокусот на исхраната треба да биде насочен кон заштита на природниот микробиом, со цел лековите да ја завршат својата работа без создавање трајна штета врз дигестивниот систем.
