Додека најголем дел од земјите учеснички мора да се борат за место во финалето преку полуфиналните вечери, пет држави секоја година имаат обезбеден директен пласман. Станува збор за таканаречената „Голема петорка“, која не настапува во полуфинале, туку автоматски оди во финалната вечер на Евровизија.
Во оваа група се Франција, Германија, Италија, Шпанија и Обединетото Кралство. Заедно со земјата домаќин, тие секоја година имаат загарантирано место во финалето, додека останатите учесници мора да поминат низ квалификациите.
Правилото е воведено во 2000 година како признание за големиот финансиски придонес што овие држави го даваат во Европската радиодифузна унија (EBU), организатор на натпреварот. Благодарение на нивната поддршка, Евровизија добива поголема финансиска стабилност и висока гледаност на големите европски телевизиски пазари.
Оваа година има и исклучок. Шпанија се повлече од натпреварувањето поради учеството на Израел. Шпанскиот јавен сервис RTVE соопшти дека нема да учествува ниту да го пренесува натпреварот додека Израел е дел од Евровизија. Поради тоа, годинава во финалето директно се пласирани четири земји од „Големата петорка“, заедно со домаќинот Австрија.