Ширум светот сведоци сме на еден феномен кој можеби не го очекувавме, но како жена можам да разберам зошто ова се случува. Имено се повеќе и повеќе жени избираат да немаат деца или за разлика од порано, многу тешко се одлучуваат на овој чекор. Голем дел исто така одбираат да имаат само по едно дете и следствено на тоа, наталитетот почнува да опаѓа и тоа е веќе доста очигледно, особено во помалите средини и градови.
Жените одбиваат да имаат деца или да имаат повеќе од едно дете и тоа страшно му пречи на капиталистичкото општество во кое живееме. Особено на сиромашни и неразвиени земји како нашата, во која оние кои имаат пари се свесни дека со падот на наталитетот тие ја губат работната сила која им е потребна за и понатаму да продолжат да го мултиплицираат своето богатсво, додека обичниот човек продолжува да живее како роб на парите. За ова најголема вина секако има државата и трулиот систем кој упорно потфрлува да и овозможи на жената сигурност, безбедност и квалитетно здравство за да може таа да се изреализира како мајка.
Сведоци сме на огромен број земји, вкулучувајќи ја и Америка, која спасот за ова го бара во забраната за абортус или правејќи ги законите за абортусот построги и покомплицирани. Дали забраната на нешто што според мене е основно човеково право на една жена ќе помогне? Искрено нема и може само да направи уште толку зголем број на компликации и смрт, затоа што оваа процедура ќе продолжи да се извршува на нелегален начин и во тајност што апсолутно го загрозува здравјето на жените.
Според мене, решението секогаш се крие во корените на проблемот, тогаш да размислиме зошто се повеќе жени воопшто не сакаат да родат или тешко се одлучуваат да имаат деца? Што е она што ја тера една жена да одбива да направи нешто што за неа е природно и нормално да го посакува? Каде потклекнавме и погрешивме што ова ни се случува?
Ние сме длабоко патријархално општество кое упорно потрфлува да ги слушне жените! Навистина да ги слушне и да разбере што им треба. Наместо тоа мажите се удираат во гради и ни ја префрлуваат целата вина на нас велејќи дека сме себични и проникнати со себељубие. Системот и државата упорно одбиваат да пружат сигурност и безбедност на жената која треба да биде мајка. Сведоци сме на неквалитетно здравство и се повеќе мајќи кои се плашат за својот живот и за своето бебе. Жените се веќе уморни од барање на квалитетно и бесплатно здравство.
Да не биде дека зборувам напразно, бесплатните гинеколошки прегледи кои нашата држава ги нуди на жените се апсолутно понижувачки. Тој бесплатен ПАП тест кој еднаш го направив за да видам дали ова навистина функционира, прво не вклучуваше комплетна проверка, туку само „основното“ што апсолутно не помага затоа што здравјето на една жена лежи токму во целосна и комплетна проверка. Како цреша на тортата за истиот, резултатите ги чекав 2 месеци! Објаснувањето беше – сите користат стари одмори, капацитетот на луѓе значително ни е намален. Па луѓе мои, ако не дај Боже има нешто, 2 месеци само ќе ги влошат работите наместо да помогнат. Ние сме лудаци!
Кариерата на една жена исто така е загрозена доколку таа планира да раѓа. Знам дека е нелегално да те прашаат во тек на вработување дали планираш да останеш трудна, но за жал сеуште се случува. За жал сеуште кога жената оди на породилно отсуство стравува за своето работно место, назадува и излегува од опција за унапредување доколку треба да замине на породилно и на крај се враќа на работа приморана да трпи услови кои се значително полоши од оние пред да замине, само поради тоа што заминала на породилно! Во најлошите случаи, таа останува и без работа затоа што решила да биде мајка.
На крај ги имаме мажите, не сите, но значително голем број кои се уште веруваат дека се бебиситерки кога ги чуваат децата. Ги чуваш своите деца! Не си бебиситерка ако се грижиш за своето бебе или дете! За тоа дете имаш еднакво иста обврска за грижа како и мајката. Но за жал сведочиме за се поголем број на мажи кои апсолутно продолжуваат да живеат исто како и пред детето и товарот за грижа околу тоа дете целосно паѓа на мајката. Имаме жени кои не спијат цела вечер затоа што мора да се грижат за детето, наутро да станат и да одат на работа и да бидат апсолутно фокусирани и продуктивни и на крај да се вратат дома и да продолжат со грижата, која сега го вклучува и сопругот затоа што и тој се однесува како уште едно дете. Немојте да ми кажувате дека жените се себични што се потешко се одлучуваат да раѓаат, затоа што ние мора да направиме многу повеќе од само да го НАПРАВИМЕ тоа дете!