По денови со екстремно високи температури, честопати следува нагла промена на времето проследена со силни грмежи, поројни дождови, град и олуен ветер. Иако на прв поглед изгледа како ненадеен пресврт, метеоролозите велат дека ваквото сценарио е сосема очекувано.
Причината лежи во тоа што топлотните бранови ја загреваат земјината површина и пониските слоеви на атмосферата. Кога над ваквиот жежок воздух ќе навлезе посвежа и повлажна воздушна маса, атмосферата станува нестабилна и се создаваат идеални услови за развој на силни невремиња.
Топол воздух од Африка е „горивото“ за бурите
Во летните месеци кон Европа често продира многу топол воздух од северна Африка. Доколку тој подолго време се задржи над одредено подрачје, температурата на тлото и воздухот дополнително расте, а ако таквата состојба потрае неколку дена, се формира топлотен бран.
Но, високите температури сами по себе не предизвикуваат невреме. Потребна е промена во атмосферата – навлегување посвеж и повлажен воздух кој го турка загреаниот воздух нагоре.
Како се создава невремето?
Кога топлиот воздух почнува да се издигнува, тој постепено се лади, а водената пареа што ја содржи се кондензира во облаци. Ако атмосферата има доволно влага и енергија, се формираат огромни грмотевични облаци – кумулонимбуси – кои носат силни дождови, грмежи, град и разорни налети на ветер.
Метеоролозите објаснуваат дека јачината на невремето зависи од неколку фактори: количината на влага во воздухот, температурната разлика меѓу приземјето и повисоките слоеви на атмосферата, како и насоката и брзината на ветерот на различни височини.
Потоплиот воздух носи повеќе енергија
Топлиот воздух може да задржи значително повеќе водена пареа, која претставува главен извор на енергија за развој на бурите. Кога таа пареа се претвора во капки дожд, се ослободува дополнителна топлина што уште повеќе ги засилува вертикалните струења и овозможува облаците експлозивно да се развиваат.
Истовремено, ако на поголема височина воздухот е значително постуден отколку при земјата, атмосферата станува уште понестабилна, што дополнително го зголемува ризикот од силни временски непогоди.
Зошто не секој топлотен бран завршува со невреме?
Иако ваквата појава е честа, таа не е правило. Завршувањето на топлотниот бран понекогаш носи само постепено разладување, облаци и слаб дожд.Дали ќе се развие силно невреме зависи од тоа дали во атмосферата ќе се совпаднат сите неопходни услови – доволно влага, нестабилност и механизам што ќе го поттикне издигнувањето на воздухот, како студен фронт или судир на различни воздушни маси.
Климатските промени го зголемуваат ризикот
Научниците предупредуваат дека климатските промени придонесуваат топлотните бранови да бидат почести, подолги и поекстремни. Потоплата атмосфера задржува повеќе влага, што значи дека во одредени услови има повеќе енергија за развој на интензивни бури.
Затоа експертите советуваат во деновите кога се најавува нагла промена на времето редовно да се следат предупредувањата на метеоролошките служби, бидејќи локалните невремиња можат да се развијат многу брзо и да предизвикаат сериозни последици.