Search

Зошто не ми е гајле за мислењето на другите луѓе?

Многу одамна одбрав професија (или професијата ме одбра мене) за која бев свесна дека многу луѓе ќе си дадат за право да коментираат што сакаат за мене. Но набрзо сфатив дека и да не беше мојата професија како јавна личност, јас сеуште ќе им бев трн во око на многу луѓе затоа што бев свесна дека не сакам да живеам и функционирам во оганичена средина која се води по некои минати и закоравени правила и прописи и бев гласна за тоа. Луѓето не сакаат луѓе кои ја кажуваат вистината и притоа не чувствуваат потреба да глумат нешто што не се. Многу пати сретнувам луѓе на koi и тoa како им е важно што рекол некој за нив, некој кој нит го знаат, нит го познаваат. Мене не ми е гајле за мислењето на другите од проста причина што ако беше така, јас немаше да мрднам ниту милиметар во животот, не па да го живеам животот за кој сонував. Просто правило, поголемиот број на луѓе не сакаат луѓе кои се поуспешни од нив. Доколку застанувате да слушнете што секој има да каже за вас, животот ќе ви помине во тоа и ќе немате време за ништо друго.

Што и да направиш, колку и да внимаваш, луѓето ќе зборуваат. Секогаш ќе има некој на кој нема да му се допаднете и тоа е во ред. Не може сите да те сакаат. Но она што треба да го разбереме е дека е многу поважно дали одреден човек ќе ве импресионира вас, наместо да се опседнувате со идејата дали вие ќе им се допаднете ним. Штом ќе престанете да губите енергија на рекла-казала, вашиот живот се менува, а богами и луѓето во него. Немам луѓе околу мене кои зборуваат лошо за некој штом ќе сврти грб и повеќе не е со нас на маса. Немам, затоа што тие луѓе ќе зборуваат така и за мене во првиот момент штом не сум присутна таму. 

Немам луѓе кои ќе ме прашаат „Од каде ти се парите за тоа и тоа“, наместо тоа имам луѓе кои ќе ми речат „Браво. Работеше напорно и заслужуваш“. Имам луѓе за кои се радувам кога одат напред и стануваат се поуспешни. Со нив растам и јас. Ти можеш да бидеш дијамант, но ако упорно остануваш во калта со камењата, твојот сјај нема никогаш да дојде до израз. Затоа одбери внимателно кој е во твоето опкружување. Не можеш да очекуваш од мршојадецот да не ја јаде мршата, исто како што не можеш да не очекуваш од лош човек да не те клоца кога си на земја, наместо да ти подаде рака да станеш.

За се во животот се водам по едно правило – Не чекај кловнот да го смени своето однесување, туку земи и напушти го циркусот.

Најголемата несреќа во луѓето се гледа кога напаѓаат, вреѓаат и омаловажуваат други луѓе. За некој да те сака и почитува, најпрвин треба да се сака и почитува себеси. Постои нешто што психолозите го нарекуваат „одраз во огледало“ и тоа значи дека луѓето она што го гледаат во себе го рефлектираат на другите луѓе околу себе.

Затоа, знај дека не си ти проблемот, туку нивните недостатоци и комплекси. Немој да живееш за другите, затоа што така не го живееш својот живот. Живеј за себе и остави твоите дела да зборуваат. Затоа што кога некој молчи, со своето однесување кажува многу повеќе. Затоа пред да пресудам дали ми е важно мислењето на некој, ги гледам како се однесуваат кога мислат дека не ги гледам и слушам. Многу од нив се таму каде што се, затоа што немале време да си погледнат во својот двор од грижа за туѓиот.

Животот е премногу краток за да импресионирате некој или да се грижите што кажал за вас, а е апсолутно никаков фактор за вашиот персонален и професионален раст, развој и среќа. А луѓето секако ќе зборуваат, затоа и старите кажале – кучињата ќе лаат, караванот ќе си врви.

Авторката е магистер по правни науки, писателка, станд ап комичарка и радио и ТВ водителка

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни